„Сега е времето“ – изложба на Ликовната колонија Галичник 2022/23 во „Мала станица“
На 16 ноември, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, со почеток во 19:30 часот, Ликовната колонија Галичник ќе ги претстави 33. и 34. сесија, најави д-р Ана Франговска, куратор и претседател на здружението.
Како што посочува таа, визуелните дела создадени на 33. и 34. сесија на Ликовната колонија Галичник и овој пат се движат околу еколошки теми, како суштествени теми за кои СЕГА Е ВРЕМЕ гласно да се дискутира на сите возможни начини, бидејќи доколку не успееме со посуштествени системски промени да влијаеме врз промена на свеста и врз менување на девастирачката моќ на Капиталот тогаш ќе треба „да молчиме засекогаш“, т.е. ќе бидеме немоќни да направиме било каква промена и подобрување на животните услови.
Постепениот крај на земјата започнува уште од 1784 кога се изумува парната машина на Џејмс Ват, а тогаш започнала и индустриската револуција, брзата експанзија и капиталистичкиот начин на производство. Капиталоценот е термин кој ја опишува целата епоха што следи, а човештвото се етаблира како геофизичка сила со планетарни размери. Со индустријализацијата, климатските промени започнуваат со невидена брзина. Фосилната економија придонела за денешните неодржливи емисии на јаглерод диоксид. Во текот на два века индустриски, технолошки и економски раст, придружен со екстрактивизам – копање и исцрпување на сите ресурси, масовно уништување на живиот свет, главно за човечка исхрана и огромно загадување на животната средина – предизвикана е сегашната еко-социјална криза.
SOS Galicnik
„Уметноста е важна и може заедно со природните и хуманистичките науки да се користи за да се размислува за еколошката правда. Ангажираната уметност за предизвиците на животната средина може да ја преиспита политиката и да го политизира пристапот на уметноста кон заштитата на животната средина. Директните и критички јавни изјави на уметниците поттикнуваат разговори за еко-социјалните кризи и политиките за одржливост и создаваат нови модели на фер работа со животната средина. Уметниците ги истражуваат природните и културните комплексности, нагласувајќи ги политичките аспекти на екологијата, одржливоста, социјалната правда и економската еднаквост. Тековните уметнички позиции и модели на дејствување комбинираат експериментален и перцептивен ангажман со постколонијална етичко-политичка практика“, истакнува Франговска.
Учесници на Ликовната колонија Галичник во 2022 беа Нина Ковачева, Валентин Стефанов, Игор Сековски, Ласе Лоренцен, Славица Јанешлиева, Гоце Наневски, Правдољуб Иванов, Марта Стисјак, Зоран Тодоровиќ, а темата беше „Одржливост“.
Специфичните уметнички практики, како што е еколошката уметност, и секојдневните практики, како што е пешачењето, ја илустрираат релевантноста на естетиката на одржливоста. Поимот „неодржливост“ ги карактеризира повеќедимензионалните нивоа на современата глобална цивилизациска криза. Повеќето автори кои говорат за оваа криза ги истакнуваат нејзините еколошки, социјални и економски димензии. Од културна перспектива, одржливоста може да се сфати како потрага по алтернативни групи на вредности и знаење за светот, реформирање на когнитивните модели и разбирање на обрасците што ги поврзуваат економските, социјалните, политичките, културните и еколошките димензии на реалноста. Според тоа, културната димензија има основна вредност за целиот процес на пребарување на одржливост.
Учесници, пак, на Ликовната колонија Галичник во 2023 беа Ефи Фурики, Филип Велковски, Калин Серапионов, Јелена Владушиќ, Иван Блажев, Пенка Минчева, Аница Вучетиќ, Ларс ден Хертог. Темата беше „Колонизација/Деколонизација на природата“.
Користењето на природните извори без никаква стратегија и план ќе не доведе до неурамнотежена природа и цели еко-системи кои го „паметат нападот“ ќе почнат да ги враќаат ударите во различни форми и облици. Сведоци сме на многу пандемии и ендемии, земјотреси и цунами, пустошење на земјата, области, градови и труења кои доаѓаат од самата земја, како рак рани на почвата. Дали треба да продолжиме со нашата надмоќ над Земјата или да почнеме да ги користиме природните добра со контрола и стратегија?! Дали сме ние колонизатори на природата и дали треба да почнеме да ја деколонизираме од Своето Јас?
Comments