top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Се подготвуваат големи изложби на Светиева, Темков, Шемов, Лозаноски…

НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА ОДБЕЛЕЖУВА 75 ГОДИНИ

Во годината во која одбележува 75 години постоење, Националната галерија на Македонија најавува богата ликовна програма. Во март традиционално, по шести пат, ќе биде отворена тематска изложба по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март. Изложбата е насловена „Мајчинство“ – дела од колекцијата на Националната галерија, а ќе биде поставена во просторот на „Чифте-амам“ на 7 март. Прикажува селектиран избор на македонски и странски автори, кои претежно им припаѓаат на првите генерации уметници, а ја обработуваат темата мајка и мајка со дете. Селекцијата опфаќа дела што се дел од богатата збирка на Националната галерија. Изложбата има четириесетина дела – цртежи, слики, икони, скулптури, таписерии, фотографии на плотер-принт. Застапени се нашите автори од првите генерации Димитар Андонов Папрадишки, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски, но и автори од југословенската колекција, како Павле Симиќ, Лука Тошановиќ и др. – На 30 март ќе биде претставен проектот „Лендскејп експириенсис“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, претставници на минатогодишното 59. Венециско биенале. Претставувањето ќе биде во „Чифте-амам“. Станува збор за мултимедиумски проект, кој во себе вклучува видеоинсталации, објекти и фотографии. „Естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на транскрипција на диспозитивите живот-смрт, убаво-грдо, здраво-отровно, е присутна и во досегашните истражувања на уметниците – велат од НГМ. Меѓународните здруженија ќе ги интензивираат тековните национални напори за промовирање на свеста за аутизмот и уверувањето дека сите погодени од аутизам се способни да постигнат највисок можен квалитет на живот. Работилниците во април ќе бидат инклузивни. Покрај деца со аутистичен спектар на нарушувања, ќе бидат вклучени и деца од редовна настава.

– „Златна мрачнина“, самостојна изложба на ликовниот уметник Ешреф Ќалили од Косово, исто така ќе се реализира во април во „Мала станица“. Со претставувањето на Ќалили продолжуваме со добрата културна соработка со соседните земји. Изложбата ќе содржи слики од најновиот циклус во техниката масло на платно – велат од галеријата. Во „Даутпашиниот амам“, од 10 мај до крајот на август, целото внимание ќе биде посветено на ликовното творештво на Анета Светиева. Испечатена е и монографијата посветена на Светиева. Светиева е еден од авторите што оставија силен печат во развојот на современата македонска скулптура со својот карактеристичен стилски израз во кој се евидентни антрополошките и етнолошките влијанија базирани на нејзините сознанија и истражувања како професорка на Природно-математичкиот факултет. – Во творештвото на Светиева, светот на чудесното и фантастичното, како една од димензиите на надреалното, заемно испреплетени и тешко разделиви, наоѓа свој одраз во нејзините карактеристични фантастични етнолошко-митолошки композиции (на скулптури, од метал, теракота и картон), единствени со својата форма и колорит. Тоа се пред сѐ етнолошко-митолошки композиции во кои доминира фигурата на која авторот ѝ ја „доверил одговорноста да ги претставува историјата и меморијата“. Нејзините фигури во форма на мутанти ја имаат својата појавност во некој непознат и мистериозен за нас, пред сѐ, личен имагинативен свет што ѝ припаѓа само на фантазијата на уметникот – велат од НГМ.

Во месецот на младите на програмата е 14. Младински пролетен ликовен салон. Тема за четиринаесеттото издание е мртвата природа. На 25 мај ќе биде поставена и отворена изложбата со наслов „Бенетон геометрик“, како самостојно претставување на Васко Гаговиќ. Во моментов за мај се договара проектот „Одржливост“, изложба од колекцијата на Националната галерија на Косово (реципрочна изложба). – Во летниот период ја збогатуваме културната понуда во градот со претставување на ретроспективната изложба на Владимир Темков во „Чифте-амам“, започнувајќи од 22 јуни. На изложбата е предвидено да се изложат сите фази од творештвото на Владимир Темков, каде што во посебни простории концепциски ќе се претстави творештвото од завршувањето на ФЛУ и почетоците на неговата активност сѐ до неговите рецентни дела создадени во денешнината. На крајот од летото, на 31 август, ќе се претстави Димитрие Дурацовски со самостојна изложба. Димитрие Дурацовски е необична појава во современата македонска уметност, тој е осамен, но интелектуално љубопитен творец, кој живее и работи во Струга – се наведува во програмата. Изложбата „Капење“ на Стефан Шашков, во соработка со Доријан Јовановиќ, ќе биде отворена во „Чифте-амам“ на 5 септември, потоа следуваат: проектот „Космологија“ на афирмираниот македонски автор Симон Шемов, со неговите последни ликовни остварувања, ретроспективно-монографска изложба на Миле Корубин, јубилејна изложба по повод 100 години од раѓањето, изложбата на Митко Панов, осмислена да прикаже два елемента од неговото творештво – сликарството и филмот. Во последните три месеци од годината ќе бидат поставени изложбите: „На работ“ на Гоце Наневски, изложба на колективот „Зеро“, јубилејната изложба „Ристо Калчевски – 90 години од раѓањето“, јубилејната изложба „Ристо Лозаноски – 100 години од раѓањето“, „Џардини“, самостојна изложба на ликовниот уметник Ервин Катовиќ, „Случајно и сиромашно“, самостојна изложба на Томе Аџиевски, ретроспективната изложба „110 години од раѓањето на Лена Стефанова“.




1 view

Comments


bottom of page