Се повеќе уметници учесници на изложбата „Вечното танго“
Во галеријата „Ко-ра“, во домот на културата „Кочо Рацин“, е отворена традиционалната изложба „Вечното танго“, мултимедијален проект со поднаслови на славните танга „Либер танго“, „Танго обливион“, „Вечното танго“ и „Танго ново“, кој секоја година ги обединува уметностите и генерациите вљубеници во славното танго.– Овој дијалог меѓу музиката и танцот е силна инспирација во уметностите и во сферата на поезијата, сликарството, скулптурата, видеото, филмската уметност, а со својот континуитет ги поместува и надминува границите обединувајќи разнородни култури, ентитети и светогледи низ светот. Таа маркантна полифонија на контрасти на динамиката, ритамот, на мелодиката на хармониите и дисхармониите побудува магични сензации и плени со својата непосредност, допирајќи до инкарнатот и архетипот длабоко потиснат… Токму оваа музика и овој танц наедно обединуваат и најразнородни социолошки сегменти во сите општества низ светот – истакна Виолета Калиќ, историчарка на уметноста и кураторка на проектот.Мултимедијалната изложба обединува повеќе од 40 учесници со дела во најразнородни техники што ја доловуваат непосредната инспирација на уметниците од поетиката на музиката и славниот танц што се изучува на академиите во Буенос Аирес.– Секоја година е евидентен сѐ поголем број на учесници од земјава и од странство и разнообразноста на нивната автохтоност во изразот. И годинава меѓу учесниците се голем број истакнати имиња на уметници етаблирани не само во земјава туку и надвор, многумина од нив се и добитници на голем број награди, професори, асистенти од повеќе универзитети од земјава, членови на ДЛУМ и учесници во голем број проекти, кои ги претставувавме и надвор од земјава, особено на големите мултикултурни изложби, кои се врска на повеќе тематски изложби.
Постои можност и на оваа изложба да има некое од делата претставени и на ланската мултикултурна изложба на уметниците од Македонија во Амбасадата на Македонија во Виена или некое од колекцијата на домот на културата „Кочо Рацин“, кое е реминисценција, навраќање на изминатите проекти посветени на оваа тема, која презентира сликари, скулптори, графичари, дизајнери, конзерватори, фотографи, музичари, танчари, модни креатори, архитекти, но и од сферата на видеодизајнот – перформанси… Видеокреациите минатата година беа обликувани од младиот дипломиран гитарист Дамјан Илиевски, а годинава од младиот дизајнер Алекса Јевриќ – дополнува Калиќ.Во рамките на овој проект се очекува и поетска вечер, со учество на поети и преведувачи, за да може и поезијата на поетите од Македонија да биде пошироко достапна и интерпретирана и во препев на повеќе јазици. Целта е таа да биде пошироко презентирана и во рамките на овој проект, кој минатата година успеа да обедини над 70 поети од земјава и од други петнаесетина земји од светот, со ангажман на модераторите и преведувачи Тања Кузманоска и Елеонора Николовска, кои се учеснички и модераторки на поетските вечери што се дел од овие традиционални мултимедијални изложби. Меѓу уметниците учесници се Решат Ахмети, Дита Старова Ќерими, Маја Рауник Кирков, Фехим Хусковиќ, Александар Рашковиќ, Ангелина Поповска, Назли Џан, Благојче Наумоски Бане, Наталија Пулејкова Радевска, Имер Бајрами, Марија Светиева, Шќипе Мехмети и др. С.Ј.
Comments