Се очекува напредок на Ѓорческа од триесетина места на ВТА-листата
ТЕНИС – СО ПЛАСМАНОТ ВО ФИНАЛЕТО НА ТУРНИРОТ ВО ЧЕШКА
Македонската тенисерка Лина Ѓорческа загуби во финалето на турнирот во Чешка, од третата носителка на тој турнир, Сара Бејлек од Чешка, со 2-6, 6-7. Ѓорческа, која беше 11-та носителка на турнирот што се играше во Оломуц, на земјена подлога и со награден фонд од 60.000 долари, со пласманот во финалето освои нови бодови што треба да ѝ донесат напредок на ранг-листата на Женската тениска асоцијација (ВТА), чие најново издание треба да биде објавено денеска. Во првите три натпревари на турнирот во Чешка, Ѓорческа победи без загубен сет, со по 2-0 во сетови (прво славеше на дуелот со Габриела Андреа Кнутсон со 6-2, 6-2, потоа на мечот со Алиона Болсова со 6-2, 6-4 и во четврт-финалето на средбата со Ема Наваро со 6-4, 6-2), а во полуфиналето победи во три сета, со 6-2, 3-6, 6-3 на мечот со Дарја Астахова. Ѓорческа на минатонеделната ранг-листа на ВТА беше на 272-то место во поединечна конкуренција, а сега, според пресметките на специјализираните интернет-страници за изготвување тениски ранг-листи во живо, Ѓорческа треба да напредува триесетина места. На турнирот во Чешка, македонската тенисерка ја помина границата од 300 победи во кариерата на земјена подлога, според податоците на Интернационалната тениска федерација (ИТФ), и сега има 303.
Comments