Се отвора шестата по ред годишна изложба „Сè што ни е заедничко“ во МСУ – Скопје
В петок, 20 октомври, во Музејот на современата уметност – Скопје, во 20 часот, ќе биде отворена меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко“, составена од дела на уметници што се во потрага по заемни мрежи на поддршка, исклучително потребни во состојби на општа несигурност, со намера да ги отстранат прекаријатниот општествено конструиран дискурс и неговите манифестации во контекст на глобалните сегашни и историски неправди. Кураторкa на изложбата е Јованка Попова. Уметници чии дела ќе бидат изложени во оваа поставка се: Дарко Алексовски (С. Македонија) , Мерием Бенани (Мaроко/САД) и Оријан Барки (Израел/САД), Јакуп Фери (Косово/Холандија), Игор Грубиќ (Хрватска/Италија), Капвани Киванга (Канада/Франција), Илија Прокопиев (С. Македонија/Словенија), Зорица Зафировска (С. Македонија), Дријант Зенели (Албанија/Италија) и Лана Чмајчанин (Босна и Херцеговина/Австрија). „Изложбата третира теми од низа историски и современи случувања, вклучувајќи глобални конфликти, родова експлоатација, колонијализам, расизам, нехуман третман кон мигрантите, суровост врз животните, здравствени кризни состојби, индивидуални и колективни состојби на кршливост и кревкост. Ставен е акцент на тоа како овие настани, процеси и ситуации продуцираат нееднаква динамика на моќ, насилство и штета врз маргинализираните, но и потреба да се најде начин за излез надвор од рамките на личното и политичкото затвореништво“, вели кураторката Јованка Попова. Изложбата го нагласува и сомнежот кон апсолутизмот на антропоцентризмот како масовно моќен концепт, а и кон специфичните истории на неправди што ги крие. Политички и чувствено ги открива сложените вкрстени мрежи на ранливост и вина што постојат меѓу нас, другите видови и меѓу луѓето од минатото, сегашноста и оние што допрва доаѓаат. Во она што се нарекува шок од антропоцентричност уметниците размислуваат за генерирање нови политички аргументи, нови наративи, нови јазици и нови начини на уметничко ангажирање за итно преиспитување на човечкиот и нечовечкиот живот надвор од воспоставените стандарди за вреднување и однесување. Како резултат на тоа, изложбата има цел да го истражи колаборативниот опстанок развиен преку уметнички дела во кои антропоцентричното размислување се помирува во имагинација и наратив за преживување следејќи разни форми на поврзување, зависности и симбиози за заемно спасување. Истовремено, ја испитува грижата како интимна врска што ги вкрстува социјалното и политичкото, субјективноста и солидарноста во рамките на емоциите, политиката, екологијата и заедницата. Дизајнот на плакатот е на Илијана Петрушевска, инспириран од типографијата „Архетип отворена форма“ на Христина Иваноска.
Comments