top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Се отвора меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко“ во МСУ – Скопје

Во Музејот на современата уметност – Скопје в сабота, со почеток во 13 часот, се отвора меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко“. Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова.

Ќе бидат изложени дела од 11 интернационално признати уметници: Францис Алис (Белгија), Марва Арсаниос (САД), Шерон Хејс (САД), Артур Џафа (САД), Хива К (Ирак), Јонас Стаал (Холандија), Ву Цанг (САД), Дардан Жегрова (Косово), како и македонските уметници Кристина Божурска, ОПА (Опсесивно посесивна агресија) и Игор Тошевски.

Изложбената поставка се состои од 13 дела во различни медиуми, инсталации и видео дела.

Од меѓународните уметници, во Скопје пристигнуваат познатиот уметник од Ирак, Хива К, кој ќе присуствува на отворањето на изложбата и уметникот Дардан Жегрова од Косово.

Уметникот Јонас Стаал од Холандија ќе го подари своето дело на Музејот и со тоа ќе ја збогати вредната уметничка колекција на МСУ.

– Сè што ни е заедничко се однесува на состојби кои сите ги сведочиме и живееме, а се поврзани со ранливоста и егзистенцијалната небезбедност, економски неправди, политички манупулации, лошо регулирање на работнички права, митот за слободата на говорот, теории на заговор кои шират национализам, експлоатација на трудот, современото расно насилство, борбите на квир движењата, последиците врз психата и телесноста од политичкото „дисциплинирање“ во различни контексти и ситуации, во Македонија, регионот и во светот. Наспроти тоа, изложбата не поттикнува да го доведеме во прашање начинот на кој ја доживуваме нашата актуелна ситуација да предложи сценарија за некои нови идни сојузи и слободни територии и да нè натера да размислуваме како нашите индивидуални визии, одговорности и обврски можат да бидат социјално споделени и да служат на колективни цели – велат кураторките Гаќина и Попова.

Изложбата ги адресира прекаријатните критички, општествено произведени дискурси и нивните манифестации и условите на несигурност во капиталистичкиот локален и глобален контекс. Изложените дела го прикажуваат потенцијалот на уметноста како политика.

Избраните уметници ја истражуваат оваа територија користејќи ги расположливите човечки и физички ресурси во насока на општествено дејствување за општото добро, со намера да покажат дека поагресивна форма на отпор во уметничкото дело е возможна. За тоа да се постигне, потребно е имагинацијата да се трансформира во „нов труд“, но и заедничко здружување во нови форми на политичко делување во посебните и глобалните домени на несигурноста.

Ако капитализмот неминовно бара фокус врз себството, изложбата ги поставува следните прашања: Каков е светот кога се доживува, развива и живее од аспект на различности наспроти идентитетот? Кои се начините на коишто солидарноста и грижата за другиот може да бидат точка на отпор наспроти капиталистичкиот поредок? Во таа смисла, изложените дела ги истражуваат врските помеѓу солидарноста и политиката како и можните остварливи и позитивни алтернативи за креирање нови простори, кои го засегаат јавното преку приватното, заробената држава преку секојдневна акција, што резултира со нови видови на здружувања со нови видови на организација, структури и институции.

Главната цел на изложбата е да понуди уметничко толкување на радикално левичарските политики и практики кои го опфаќаат концептот на сознание на различноста и солидарноста на локално и глобално ниво, истражено и презентирано преку уметничка акција.

Дизајнот за визуелно решение го направи уметницата Неда Фирфова.

Изложбата ќе биде отворена до 31 март 2022 година и се реализира со поддршка од Министерството за култура, ЕВН Македонија и Тиквеш.

Отворањето ќе се релизира според протоколите пропишани за организација на јавни настани во услови на пандемија.



4 views

Comments


bottom of page