СЕ ОСТВАРИ СОНОТ НА ВЕЛЕШКИТЕ ГЕМИЏИИ, ГОДИНАВА ВАРДАРСКАТА РЕГАТА ЌЕ ПЛОВИ ДО СОЛУН
15.06.2024 Juni Sabota
Годинава, Вардарската регата ќе плови до Солун. Откако се обнови 2010 , желба на организаторот беше гемиите од Велес да пловат до Солун, и тоа ќе се оствари во јуни. Организаторот, Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ од Велес, најавува дека пловидбата ќе се реализира со помош на грчките извидници.
„Се оствари сонот на многу генерации велешки гемиџии и годинава ќе пловиме до Солун. Во целост ќе пловиме како велешките гемиџии, кои во 19 век стоката со гемии ја дистрибуирале до Солун. Петиот ден од пловидбата треба да влеземе во делатата на реката Вардар, што е голем предизвик. Бевме неколкупати да ја проучиме патеката, ја познаваме ситуацијата. Во оваа делта каде Вардар се дели на 8 краци водостојот е многу низок, ќе имаме помош од грчките рибари да пловиме по вистинската патека. Треба да стасаме до Солунското пристаниште. Ќе биде тешко по делтата на Вардар оти е заштитена зона и не може да се користи возило, ако заглавиме тие 4 до 6 км мораме да ги извесламе, нема помош од механизација и возила“, кажа Ангелче Гушев, член на организацијата на „Вардарската регата 2024“.
24. Вардарска регата започнува на 20 јуни, кога од Велес се плови до Криволак, следниот ден е до Демир Капија, третиот до Марвинци, по што на суво учесниците се префлаат преку граница до Евзони, каде е прв базен логор во Грција, потоа до Акропотамис, каде е четвртиот базен логор.
„Имаме поддршка од колегите Солунски морски извидници, кои сакаат да се реализира оваа регата низ Грција. Ним им одговора во програмските активности да имаат ваков настан. Си подадовме рака, бидејќи оваа манифестација која живее и опстојува мноху години е потребна. Како комшии потребни сме едни на други и се надевам дека се ќе биде во најдобар ред годинава. Ова што ќе се случува на крајот од јуни е голема европска вредност, гемиџиите да пловат по Вардар низ Грција и да стигнеме до Солун“, вели Гушев.
На годинашнава регата нема да плови гемијата ниту сплавот, туку учесниците ќе бидат само со чамци, бидејќи годинава се пробива патеката и границата мора да се мине на суво, не по Вардар. Регатата и овојпат е меѓународна, најавени се традиционалните гости од Србија и од БиХ.
П. ПЕЧКОВ
Comentarios