Се обновува Балканската шаховска федерација
АЛЕКСАНДРА ГАКИДОВА, МАКЕДОНСКА ДЕЛЕГАТКА НА КОНГРЕСОТ НА ФИДЕ ВО ЧЕНАИ
Паралелно со одржувањето на 44. Шаховска олимпијада во Ченаи (Индија), на која настапуваат машката и женската репрезентација на Македонија, се одржува и редовниот Конгрес на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), на кој на 7 август ќе се избира претседател на ФИДЕ во следниот четиригодишен мандат. – Тука, во Ченаи секој ден има состаноци на различните комисии и работни групи во рамките на Конгресот на ФИДЕ. Така, завчера имаше состанок на комисијата што е задолжена да одобрува финансиски средства за помош на шаховските федерации, а вчера се одржа состанок на Комисијата за шах во школите. Сите овие состаноци се од отворен карактер, што значи дека може да присуствуваат сите делегати присутни на конгресот – ни изјави Александра Гакидова, поранешна претседателка на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), а сега секретарка на ШФМ, која ја претставува Македонија на Конгресот на ФИДЕ. Се донесе ли некоја позначајна одлука што е од интерес за Македонија и за македонскиот шах?
– Со колегите од другите балкански држави поведовме иницијатива и ја возобновивме Балканската шаховска федерација. Веќе е договорен и состанок на кој ќе присуствуваат повеќето делегати од балканските држави. Таа порано е регистрирана со седиште во Анкара, а се одржувале и балкански првенства, но некако сето тоа замрело во 2010 година. На вчерашниот состанок беа присутни и претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, и претседателот на Европската шаховска унија, Зураб Азмајпарашвили, кои ни дадоа поддршка и рекоа дека ќе најдат начини да ги поддржат активностите што ги планира Балканската шаховска федерација. За годинава се планираат Балканско поединечно првенство за деца во Црна Гора и екипно во Македонија, но уште немаме поконкретни информации како, кога и во кој формат би се одржало, па останува да се договориме деновиве. Претседателот на Шаховската федерација на Албанија, Ералд Дервиши, е избран за претседател на Балканската федерација за период од две години – вели Гакидова. Каква е атмосферата во Ченаи, каде што шаховската игра е многу популарна, како и во цела Индија?
– Атмосферата тука е одлична. Сите се многу гостопримливи, безбедноста им е на највисоко ниво. Малку е напорно што од хотелот каде што сум сместена до салата за играње шах има еден и пол час возење. Хотелот на репрезентативците е на четириесетина минути возење од мојот хотел, но гледам да поминам барем секои два дена и да се видам со нашите шахисти и шахистки. Ете, во вторникот се собравме малку за да го прославиме македонскиот празник Илинден, а пред некој ден го прославивме и роденденот на шахистката Леа Ефтовска. Освен хотелот и салата за играње, засега немаме ништо друго посебно видено. Планираме за слободниот ден, по шестото коло, да организираме посета на храмот во Махабалипурам – рече Гакидова. За време на ШО многумина се пожалиле на здравствени проблеми, а на тоа не беа имуни ни македонските селекции. – Имаше некои помали здравствени проблеми во нашите репрезентации, но ме радува што атмосферата, сепак, е убава, сите одлично функционираат и се дружат заедно. Се надевам дека ќе нѐ израдуваат со подобар резултат до крајот на олимпијадата – изјави Гакидова. Г.И.
Comments