top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Се дигитализира старата архива на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп во тек е дигитализацијата на старата архива на театарот „Војдан Чернодрински“. Се скенираат фотографии, плакати, исечоци од весници, големо богатство од архивски материјал на театарот, создавано од неговите почетоци, од 1950 година па сè до 2000 година.

„Архивата на театарот, која сведок е создавањето на театарската историја во градот, е сместена во папки во кои има фотографии и плакати од премиери од секоја година поединечно, како и друг материјал, односно исечоци од весници во кои се пишувало за одиграната претстава. Ова е голем проект за Театарот, кој ќе се реализира подолгорочно, бидејќи треба да се обработат илјадници фотографии и плакати, со што ќе се заштити театарското наследство“, велат од ЦК „Марко Цепенков“.

Проектот е поддржан од Министерството за култура во 2021 година, со што била набавена соодветна опрема за дигитализација.

Завесата на тетараот за првпат се кренала на 18 февруари 1950 со претставата „Кир Јања“ од Ј.С. Поповиќ, во режија на Аце Михајловски, при што се родил театар кој изодил голем пат до потполна афирмација. Првите глумци кои несебично „гореле“, на сцената биле: Рампо Ачески, Борка Димкароски, Благоја Кепески, Борка Солески, Блага Алампиоска, Блага Батаклиева, Рада Смилеска, Маре Русеска, Владо Спиркоски, Аце Михајлоски, Нада Галеска, Цане Настоски, Димче Шилоски. Потоа, во театарот настапила генерацијата на Димче Гешоски и Кирил Жежоски.

Во текот на својата работа, театарот „Војдан Чернодрински“ прикажал над 360 премиери и изиграл над 6.500 претстави. Најгледаната и најиграна, изведена стопати, е претставата „Солунски патрдии” од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски. Покрај „Солунски патрдии“, и претставата „Од кол на кол“, во режија на Колe Ангеловски, забележала 100. изведба, со која бил одбележан јубилејот 65. години од основањето на театарот.

Инаку, во моментов, во Театарот „Војдан Чернодрински“ се интензивираат подготовките на претставата „Декамерон“ во режија на Мартин Кочовски.


1 view

Comments


bottom of page