Се враќа карневалот во Рио по двегодишната пауза
Познатиот карневал во Рио де Жанеиро и овој месец ќе се одржи во полн сјај, а се очекува да донесе речиси милијарда долари заработка, што би било рекорд на сите времиња.
По пандемијата и ограничувањата од претходните години, улиците на вториот по големина град во Бразил повторно ќе бидат место за бурни забави, додека традиционалните училишта за самба ќе продефилираат низ градскиот „самбадром“, пренесува „Ројтерс“.
Со оглед на тоа дека најлошиот дел од пандемијата заврши, се очекува годишната прослава да ги собори рекордите во секторот туризам и услуги и потенцијално да надомести дел од загубите од претходните години.
– Ние сме целосно подготвени да ги пречекаме сите што доаѓаат од целиот свет и веруваме дека економијата ќе генерира рекордни милијарда долари само за време на карневалот – рече претседателот на компанијата „Риотур“, Рони Агујар.
Се очекуваат околу 80.000 туристи од странство, што би било за околу 25.000 повеќе од последната година пред пандемијата.
Повеќе од 150 карневалски улични групи се најавени да ги заземат улиците на Рио де Жанеиро од 18 до 21 февруари, но прославите ќе продолжат во текот на целиот месец.
Comments