top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Се вратија организираните посети, а за секој посетител има соодветен наслов – Арс Ламина со позитивн

Се вратија организираните посети, а за секој посетител има соодветен наслов – Арс Ламина со позитивна оценка за Саемот на книгата 2023„Драго ни е што на Саемот на книгата се вратија организираните посети од училиштата и градинките, со што книгите и културните настани од ваков калибар им се доближуваат на идните и млади читатели. Со ова се поттикнуваат читачките навики и љубовта кон книгата кај децата. Има голем интерес и кај повозрасната публика, која е задоволна од богатата жанровска понуда. Се покажува дека за секоја книга има читатели, и обратно, за секој посетител има наслов што ќе ги заинтересира“, велат за весникот ВЕЧЕР од издавачката куќа „Арс Ламина“, која на годинешниов Саем на книгата пред македонските читатели се претставува под слоганот „Следи ја приказната“ и со многу саемски новитети, промотивни настани и работилници за деца. Како што велат, уште од првиот саемски ден оваа година има многубројни посетители, од сите генерации, а голем интерес има за саемските новитети, за домашните автори, книжевните класици и за детската литература.

„Ги доближуваме книгите до читателите и преку средбите со писателите и потпишување книги, од кои ја издвојуваме ексклузивната можност за средба со годинашниот добитник на престижните награди: Роман на годината, „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата и признанието за автор на годината на наградите на МАИ – академик Влада Урошевиќ, што се одржа на 6 мај. Тој го потпишуваше романот на годината – „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, кој е во издание на „Арс Ламина“, посочува Ана Несторовска-Саздовска од „Арс Ламина“. Од страна на оваа издавачка куќа беше организирано потпишување со голем број наши автори: проф. д-р Мимоза Ристова („Варшавската срна“), Сибо („Зелениот дворец“, добитник на „Пегаз“ за 2022), Зоран Спасов-Ѕоф („Џабе живиш у Скопје“), Ана Стојаноска („Ние“), Марија Ралповска („Мастилна мапа“), Хари Кацановски („Анатрос“), Џон Илија Апелгрен („Забранети луѓе“)…

Како што велат, Саемот на книгата е идеална можност да се купат омилените книги на попуст, да се откријат и набават книжевните новитети, но и да се оствари средба со омилените автори.

„Покрај книгите на акција и со значителен попуст, голем интерес има за светските бестселери и трилерите, книгите за самопомош и светските книжевни класици, како и биографиите, од кои ги издвојуваме мемоарите на принцот Хари, „Резерва“. Доста се барани книгите од едициите „Пегаз“ (со лауреатите на истоимената награда за најдобар необјавен роман) и „Македонски книжевни класици“ (со реобјавените наслови од најзначајните македонски писатели). Со задоволство организираме дузина работилници за деца од скопските основни училишта и градинките. Настаните досега ги посетија повеќе од 250 деца. На програмата беа работилници инспирирана од списанијата за деца во издание на „Арс Ламина“: „Ѕвезди“ (за предучилишна возраст) и „Прв детски клик“ и „Детски клик“ (за училишна возраст). Реализиравме работилници базирани на едукативниот серијал „Учиме со Софија“ и едицијата „Емоционална железница“, со фокус на сликовницата „Жолти чорапи“ со авторката Билјана Лотеска, како и настан поттикнат од сликовниците „Мравката Тони“, „Бумбарот Боби“, „Гасеницата Кики“ и „Бувот Оли“ од младата авторка Маја Мишевска. За учениците од основните училишта организиравме средба со авторката на „Јас сум Миа“ – Јана Мишо, разговор познатиот писател за деца Васил Мукаетов, како и запознавање со писателот Велко Неделковски, на кое беше претставена новата едиција „Прегрнати книги“. За време на викендот имавме и работилница инспирирана од популариот серијал за малата вампир-самовила Исидора Мун и нејзината братучетка Мирабела. Драго ни е што децата активно се вклучија во сите настани, и што ја покажаа својата креативност и интерес за книгите“, додава Несторовска-Саздовска. (Д.Т.)



2 views

Comentarios


bottom of page