Се воведува ВАР и во шахот
Благодарение на технологиите и платформата „идЧес“, првпат во шахот ќе се појави помошен систем за судии (ВАР), кој ќе овозможува да се следат контроверзните моменти во играта и да се донесуваат правилни одлуки. Новите технологии ќе се користат за да им се помогне на судиите во младинското првенство на Западна Азија годинава, информира Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница.
Системот ВАР е збир на технолошки решенија за помош на судиите на спортски натпревари. Во многу спортови веќе се користат различни технологии за да им помогнат на судиите да донесуваат одлуки. На пример, постои систем во тенисот што ја покажува проекцијата на топката на линијата во контроверзни моменти, а слично е и во одбојката. Сега ВАР стана широкоприфатен во фудбалот, каде што во текот на мечот ВАР-тимот постојано проверува дали има грешки поврзани со одредени акции на теренот, а судијата на теренот има право да ја гледа видеоснимката од соодветниот момент и да донесе одлука. Во англиската Премиер-лига технологијата се појави во сезоната 2019/2020, а процентот на правилни одлуки во клучните моменти на натпревари се зголемил на 94 отсто. Една година претходно бројката била 82 отсто, односно речиси секоја петта одлука на судијата во важни моменти била погрешна. Во сите овие спортови конечната одлука останува на судијата на теренот. ВАР-системите обезбедуваат дополнителни информации, но не донесуваат одлуки.
Употребата на ВАР во шахот може да се подели на три дела. Првиот е за „контроверзни моменти“, кога еден од играчите го повикува судијата да го забележи прекршокот, кога се појавила контроверзна ситуација. На пример, тој тврди дека неговиот противник допрел шаховска фигура со раката, но не ја мрднал фигурата, неговиот ривал го негира тоа, а судијата го пропуштил овој момент. Вториот дел е преглед на снимката. Доколку има пренос со помош на платформата „идЧес“, судијата може да го запре емитувањето на шаховската партија на мобилната апликација и да ја гледа снимката од мечот помеѓу двајца шахисти со помош на системот ВАР, кој, пак, го покажува однесувањето на играчите. Третиот дел е кога шаховскиот судија ја гледа снимката и донесува одлука. ВАР-технологијата ќе овозможи да се зголеми бројот на правилно донесени одлуки од судиите и да се направи процесот на донесување одлуки поедноставен и потранспарентен и за судиите и за шахистите, појаснува ФИДЕ. – Такви ситуации често се случуваат во текот на турнирите, каде што играат многу шахисти. Во Скопје во 2015 година, за време на Европскиот клупски куп, првите 5-6 реда со табли беа покриени со камери, но тие повеќе служеа за пренос во живо. Но сметам дека сѐ што може да помогне во утврдување на вистината, односно што се случило во текот на партијата е добредојдено како техничка помош за судијата – вели македонскиот меѓународен судија на ФИДЕ, Сашко Лакински.
Слично мислење има и шаховскиот тренер, интернационалниот мајстор (ИМ) Орце Данчевски. – Малку повеќе е реклама отколку потреба, но сѐ што ќе придонесе за фер и коректна шаховска партија е добредојдено. Така што јас сум за воведување ВАР во шахот, оти само ќе ја направи играта уште покоректна – вели Данчевски.
Свој став од аспект на играч има и македонскиот велемајстор (ВМ) Драгољуб Јаќимовиќ. – Шахот отсекогаш бил витешка игра. Ако е идејата комерцијализација, сѐ е можно, а тоа и парично чини. А зошто е тогаш судијата ако постои таква апликација. ФИДЕ може да смисли секакво правило и да го протне преку својот борд. Се прашувам зошто ФИДЕ не е поинвентивна туку рестриктивна, на пример двојките на опен-турнири да се дознаваат порано, а не 10 минути пред почеток на колото – вели Јаќимовиќ. Г.И.
Comments