Свечено отворено 42 издание на „Браќа Манаки“
17.09.2021 Septemvri Petok
Со врачување на највиоските признанија на фестивалот и проекцијата на филмот „Сестри“ синоќа во Битола свечено беше отворено новото 42 издание на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. – Изминативе неколку недели се околу нас инаетливо ни посочуваше дека нема да не биде и дека ќе се прекине филмот што го сонуваме. Се случија многу непредвидливи нешта. Покрај двегодишниот хорор филм наречен ковид-19 проживеавме уште неколку филмски жанрови. Имавме драма, помалку трагедија, трилер, акција и се заврши со комедија. Но, и покрај се продолживме да сонуваме и тој сон сега го споделуваме со вас во реалноста. Славејќи го филмот и неговите творци, овде вечерва сакаме да испратиме порака до вас, публиката, до филмаџиите и уметниците насекаде во светот, од овде, од кај нас во светот- а таа е дека овој фестивал ќе продолжи да ја слави уметноста на светот без разлика на сите проблеми и предизвици. И кога тие пречки и проблеми стануваат големи, тоа за нас е само предизвик да бидеме уште поупорни и подобри. Затоа кога е најтешко, како во ова време-невреме, кога не бевме сигурни ни дали воопшто ќе имаме гости на фестивалот, ние решивме да доделиме не една, туку две специјални камери 300 за особен придонес во филмската уметност. На двајца исклучителни уметници – рече директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Дамевски. Годинава добитници на специјалната камера 300 за особен придонес во филмската уметност се: Андреј Кончаловски, рускиот волшебник на филмската магија и Џослин Пук, една од најпознатите британски композитори на филмска, театарска, телевизиска и концертна музика. – За мене е голема чест и трогната сум што ја добивам оваа награда. Имав можност и привилегија да бидам запознаена со вашата земја поради тоа што мојот сопруг потекнува од Србија и навистина сметам дека вистинското наследство што го има вашата земја е едно од најнеоктриените бисери-богатства на Европа. Чест ми е што сум дел од овој фестивал. Им благодарам на граѓаните на Битола за топлото добредојде и за тоа што го негуваат наследството на браќата Манаки кое има исклучително значење – рече Пук. Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов Изи ја додели наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на Северџан Бајрам. – За 71 година постоење на ДФРМ сме имале различни предизвици, издигнувања и падови, но никогаш не сме се соочиле со ситуација да не може да излеземе и да снимаме. Не само ние, туку и нашите колеги од Европа и најголем дел од светот. И во тоа време додека ние седиме дома и не можеме да снимаме и публиката е дома и има потреба од содржина. Да гледа на своите лаптопи, екрани, таблети, да гледа филм, серија, да гледа аудиовизуелни уметности. Филмска Европа, мудра како и секогаш, во едно вакво време ги зголеми буџетите за филм. Не само што не ги скрати, туку направи и финансиска контрибуција кон локалните, регионалните и националните филмски фондови. Искрено верувам дека освен во успесите кои ги делиме со нашите колеги од Европа, филмските копродукции и културната размена и во овој контекст ќе бидеме дел како што сме сите овие години од европското филмско семејство. И кога зборуваме за Европа и за филмот би спомнал дека нашето најсилно оружје според Бергман е лицето на актерот во крупен план, неговата експресија. Ако некој наш актер, во крупен план е познат за филмска Европа, тој е омилен лик во Франција, Италија, Шпанија, во Јужна Америка, на Балканот-тоа е Северџан Бајрам – истакна Иванов. – Особена чест и задоволство ми е за доделеното признание. Голема благодарност за наградата до моите колеги и колешки кои ме одбраа мене, натуршчик, бидејќи немам завршено Факултет за драмски уметности. Благодарност до Столе Попов кој ме откри и до Емир Кустурица, човекот кој ми ја додели најголемата животна улога и отскочната даска во кариерата – рече Бајрам на врачувањето на признанието. Потоа на австрискиот волшебник зад камерата Кристијан Бергер, му беше доделена наградата „Златна камера 300“ за животен опус. – Сум добил и претходно слична награда, но сега е малку потешка. Навистина се изненадив за доделеното признание и ми беше пријатно да дојдам повторно во Македонија и да бидам дел од фестивалот „Браќа Манаки“. Би сакал да ја споделам мудроста што доаѓа со мојата возраст. Малку можам да го споредам фестивалот „Браќа Манаки“ со другите фестивали, таму гледам се поголема комерцијализација. Тоа никогаш не сум го искусил низ годините овде. ИФФК „Браќа Манаки“ е посебно место за нашата страст, а тоа е филмот и не знам друго место кое би било на второ место по ова. Не знам на што мислеле браќата Манаки во оној момент кога почнаа првпат да снимаат со својата камера и каква фасцинација имаа гледачите во тоа време, но она што ме тера се уште да ја сакам својата професија до денес е моќта на сликите што се развиваат со текот на времето и нивното движење. Таа способност да се фати движењето и да се улови тој кус момент за да не се заборави и потоа да може да се покаже одново и одново-сметам дека тоа е суштината на камерата и мислам дека тоа ги мотивирало и браќата Манаки. Тогаш беше нова форма, а од нас зависи дали ќе продолжи да биде нова. Би било убаво ако фестивалот успее да ја задржи оваа „стара сензација“ жива – подвлече Бергер и му се заблагодари на Благоја Куновски, кого го нарече „добриот дух“ на фестивалот. Фестивалот за отворен го прогласи претседателот, Стево Пендаровски, кој е покровител на ИФФК „Браќа Манаки“ На отворањето беше прикажан филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума. М.М.
Comments