Свечено отворање на „Синедејс“ в четврток
09.07.2024 Juli Vtornik
Младинскиот културен центар го најавува 23. издание на „Синедејс“, кое ќе трае од 11 до 17 јули, а воедно и отворањето на фестивалот на 11 јули, кое ќе го одбележи проекцијата на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во режија на Андреас Јонсен и во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraket, како и концерт на „Ефтеркланг: Македониум бенд“.
Музичкиот документарен филм, кој се снимаше во текот на април 2023, претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум“ во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.
Премиерата на филмот се одржа на 23 март 2024 во рамките на CPH:DOX и беше проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во кој членуваат 22 македонски музичари.
Филмот ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин преку патувачка турнеја во Македонија. Младинскиот културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.
Покрај бендот „Ефтеркланг“, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.
Реализацијата на филмот е поддржана од страна на Министерството за култура со 250.000 денари, потоа Данскиот уметнички совет и програмата Culture Moves Europe на Европска Унија.
Билетите за отворањето на фестивалот се целосно распродадени.
Comments