top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Свечена Светосавска академија, по повод Националниот празник на Србите, на 27 јануари во МНТ

25.01.2022 januari Vtornik

Српската заедница во земјава со свечена Светосавска академија во Македонскиот народен театар (19 ч.), традиционално ќе го одбележи 27 Јануари, Националниот празник на Србите – Денот на српскиот просветител Свети Сава.

„Свети Сава е симбол на нашето творештво низ векови, наш корен на животот, нашето чувство за време, историја и судбината на нашиот народ“, изјави по овој повод претседателот на Демократска партија на Србите во Македонија и претседател на Организациониот одбор на Светосавската академија, Иван Стоилковиќ.

На настанот во МНТ е најавено обраќање на претставници на делегации од Србија и Република Српска, а ќе се одржи и богата културно-уметничка програма.

Пред присутните се очекува да се обрати претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ, и претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ.

Д-р Славенко Терзиќ, академик и поранешен амбасадор, ќе одржи светосавска беседа.

Во рамките на културно-уметничката програма, пак, ќе бидат одржани неколку претстави во изведба на актерите од Белградскиот народен театар. Исто така, во музичкиот дел ќе учествува и Воениот оркестар на Министерството за одбрана на Република Србија, а ќе настапи и познатата српска пејачка Јелена Томашевиќ.

Свечена Светосавска академија претходно (на 26 јануари) ќе се одржи во Куманово, а на денот на Националниот празник на Србите делегациите од Република Србија и Република Српска ќе го посетат градоначалникот и српските организации во Куманово. Во текот на денот тие ќе бидат примени и од претседателот Стево Пендаровски.

Директниот пренос на свечената Светосавска академија во Скопје, по повод националниот празник на Србите во Македонија, со почеток во 19 часот, ќе го врши Македонската радио-телевизија (Канал 4), најави Стоилковиќ.

Инаку, Министерството за труд и социјална политика соопшти дека во согласност со Законот за празниците на Република Македонија, 27 јануари 2022 година (четврток), Свети Сава, е неработен ден за припадниците на српската заедница во Република Македонија. Воедно, Министерството за труд и социјална политика на сите граѓани, припадници на српската заедница им го честита празникот Свети Сава.


2 views

Comments


bottom of page