Светскиот диџеј во Охрид: Скап шампањ и рибни специјалитети на „Свети Наум“ за Пол ван Дајк
Со приватен авион од Анкона, Италија, германскиот диџеј со светска слава Пол ван Дајк ќе слета во Охрид, пред неговиот настап на 30 јули, на плажата „Горица 3“.
Организаторите на овој настан, „Прагма продукција“, велат дека Ван Дајк има посебни барања за престојот во Охрид.
За загревање, диџејот и продуцент бара шишиња премиум џин, 3 шишиња премиум шампањ („Дон Перињон“ и „Моет“), енергетски пијалаци и свежи сокови за освежување. За енергија, на Ван Дајк му се потребни чоколади, а пред и по настапот сака да консумира свежо овошје.
– Тој навистина се радува на уште една посета на Македонија и на Охрид, а освен техничките работи што треба да се исполнат, негова најголема желба беше да го посети „Свети Наум“ и да јаде риба и македонски традиционални специјалитети, што секако со задоволство ќе му ја исполниме. Минатиот пат кога беше тука, беше на „Свети Наум“, се воодушеви од убавината и желбата му беше повторно да го посети – ни изјавија организаторите на настапот.
Фото: Приватна архива
Пол ван Дајк за „Слободен печат“ се сеќава на својот прв настап во Македонија.
– Точно паметам дека првпат кај вас дојдов во 2007 година и оттогаш сум секогаш убаво пречекуван од публиката првенствено, од организаторите, од луѓето воопшто. Се радувам дека таа моја врска со публиката од Македонија уште трае и што на секој мој настап кај вас гледам среќни лица од сцената. Вистина е дека побарав од организаторите повторно да го посетам тоа магично место „Свети Наум“ и да ја пробам вашата прекрасна храна. За секој артист е вистинска привилегија кога може да се врати на место каде што претходно бил убаво пречекан – ни изјави германскиот диџеј.
Фото: Приватна архива
За електронската светска суперѕвезда се вели дека уште од раните деведесетти години ги поставува светските стандарди како диџеј. Во краток рок ја стекна популарноста со мегахитот „For An Angel“, еден од најголемите хитови на сите времиња. Со вроден талент за сценски настап, Пол е еден од артистите со најмногу остварени настапи низ светот.
Пред пандемијата, Ван Дајк објави два албуми што се најдоа на врвот на топ листите во 2018 и 2019 година – „From then On“ и „Music Rescues Me. За жал, овие албуми настанаа во еден многу лош период од животот на познатиот диџеј.
Новата музика ја создаваше во месеците по страшната несреќа во која Ван Дајк падна од лошо дизајнирана бина за време на фестивалски настап во Утрехт, во Холандија, во февруари во 2016 година.
Фото: Приватна архива
По неколкумесечниот престој во болница, каде што не беше сигурно дали тој некогаш повторно ќе може да оди, а камоли да настапува како диџеј или да создава музика, тој се врати во студио и почна да спојува претходни идеи, кои на крајот се претворија во албум.
– Во тоа време, никој од организаторите на настанот на кој настапував не ми се јави да ме праша како сум. Но, тие луѓе ме научија со какви карактери понатаму во животот ќе се среќавам – изјави Ван Дајк по несреќата.
Поминувајќи низ едно од најнесреќните искуства, тој излезе како победник од оваа приказна, со нова смисла за живот и уште поголема желба за создавање нова музика.
Comments