top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Светската музичка сензација „Perpetuum jazzile” во Скопје

02.04.2024 April Vtornik

Како дел од својата голема европска турнеја, вокалната група „Perpetuum Jazzile“ ќе настапи на 5 април, во Филхармонијата во Скопје. Овој концерт е и можност да го претстави својот нов студиски албум наречен „Smells Like…“. Албумот е вистинско мало музичко ремек-дело, со обработки на некои од најголемите светски хитови „We Will Rock You/Radio Ga Ga“, „Più bella cosa“, „Suspicious Minds“, „Fix you“, „Man in the Mirror“…

Една од најголемите вокални групи во светот, „Perpetuum Jazzile“, се подготвува повторно да ја воодушеви македонската публика. Како дел од својата голема европска турнеја, таа ќе настапи на 5 април, во Филхармонијата во Скопје.

Овој концерт е и можност да го претстави својот нов студиски албум наречен „Smells Like…“. Албумот е вистинско мало музичко ремек-дело, со обработки на некои од најголемите светски хитови „We Will Rock You/Radio Ga Ga“, „Più bella cosa“, „Suspicious Minds“, „Fix you“, „Man in the Mirror“…

Со оглед на своите долговечност и успех, „Perpetuum Jazzile“ не е само вокален ансамбл туку и вистинска музичка институција. Минатата година прослави голем јубилеј – 40 години постоење, во кој беа опфатени 1 000 настапи низ светот. Концертите на „Perpetuum Jazziile“ носат позитивни пораки, промовираат теми за единство, радост и креативност.

„Perpetuum Jazzile“ се состои од вокален (a capella) оркестар од 40-мина врвни пејачи, кои овозможуваат несекојдневно искуство во живо – двочасовен, фасцинантен огномет од избрана музика, врвна изведба, страст и од емоции. Неговите концерти се исткаени од светски хитови од различни жанрови, џез, поп, свинг, рок, боса нова, самба, госпел. Неговиот богат концертен репертоар вклучува уникатни вокални обработки на светски познати уметници како ABBA, Toto, Michael Jackson, The Queen, Daft Punk, David Guetta, Lady Gaga, Earth, Wind & Fire, Billy Joel, David Bowie, Joni Mitchell, Џорџ Бенсон, Би Гис и други легенди, како и негови сопствени интерпретации и аранжмани на разни народни песни.

Неговата музика содржи и човечки битбокс – вокални перкусии што вклучуваат импресивен сет на тапани, звуци и ритми создадени само од устата. Покрај тоа, пејачите ги користат рацете, стапалата и другите делови од телото за да интерпретираат секакви звуци, како дожд, бури, слетување на авиони, потоци, извори, бранови и други природни феномени. Вокалниот оркестар пее на различни јазици: англиски, португалски, шпански, италијански, германски.

„Perpetuum Jazzile“ е основан од уметничкиот директор Марко Тиран, во 1983 година, под името „Gaudeamus“. Тие подоцна го променија своето име во „Perpetuum Jazzile“. Денес, „Perpetuum Jazzile“ е најпопуларниот вокален оркестар на Јутјуб, со над 90 милиони прегледи (Африка е лидер со над 22 милиона прегледи). Неговите музички видеа често се меѓу топ 40. најпопуларни видеа на Јутјуб. Групата го освои словенечкото специјално достигнување – наградата „Виктор“ во 2008 година, откако нејзиното видео за песната „Африка“ од Тото стана вирално на Јутјуб.


1 view

Comments


bottom of page