Светска премиера на „Сестри“ на престижниот фестивал во Карлови Вари
- Aleksandar Santovski
- Aug 24, 2021
- 1 min read
24.08.2021 Avgust Vtornik
Филмот „Сестри”, првиот долгометражен филм на Дина Дума, вчера ја доживеа својата светска премиера на престижниот фестивал во Карлови Вари, Чешка.
Како што соопштуваат од продуцентската куќа Лист Продукција, филмот е дел од официјалната натпреварувачка програма „East of the West“ (Источно од Западот). Оваа селекција е наменета за автори на прв и втор долгометражен филм од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот Исток и Северна Африка.
„Сестри” е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.
Филмскиот фестивал во Карлови Вари, кој годинава по 55. пат се одржува од 20 до 28 август, е најголемиот во Чешка и најпрестижен во Централна и Источна Европа. Тој е еден и од најстарите филмски фестивали од А категорија, заедно со фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, Локарно, Сан Себастијан.
Во филмот „Сестри“ главните улоги ги толкуваат Миа Жиро и Антонија Белазелкоска. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев – Новоградска.
„Сестри” е поддржан од Агенцијата за филм и е регионална копродукција помеѓу Македонија, Црна Гора и Косово.


Comments