top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Светска премиера на „Патување пеш“ на Тамара Котевска во Њујорк

Светска премиера на „Патување пеш“ на Тамара Котевска во Њујорк

Режисерката Тамара Котевска ќе има светска премиера во Њујорк за својот нов документарен филм „Патување пеш“, во продукција на „Греин медија“ и ОХО. Филмот им е посветен на бегалците од Сирија и Палестина. Документарецот ќе ја има својата светска премиера во Њујорк, САД, на 9 ноември годинава, на „Док Њујорк сити“, најголемиот американски фестивал за документарни филмови. Филмот го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка што патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, обидувајќи се да си најде дом. Тоа е филм за детската невиност и моќта на имагинацијата во време на криза, која ја следи одисејата на Амал преку два континента. Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија се двајца исклучително талентирани актери што се дел овој проект, а ја делат истата судбина како огромен број бегалци што изгубиле сѐ, вклучувајќи ги и нивните домови и фамилии, но продолжуваат да бараат засолниште. Во моментов во светот има над 35 милиони бегалци, од кои 14 милиони се деца, а повеќето од нив сирачиња, во чија чест џиновската кукла Амал активно се движи низ светот со својот патувачки театар. Филмот се снимаше две години, на територија на повеќе од 10 земји, помеѓу Сирија на исток и Обединетото Кралство на запад, како и на бреговите на Јужна Африка.

Во реализацијата на филмот, покрај режисерката Котевска, учествуваа и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев. Тамара Котевска постигна огромен успех како корежисерка на документарниот филм „Медена земја“ во 2019 година, кога филмот доби три награди на култниот американски филмски фестивал „Санденс“, а следната година имаше номинации за „оскар“ во две категории. Главен продуцент на филмот „Патување пеш“ е една од најголемите наградувани британски филмски компании со фокус кон документарните филмови, „Греин медија“. Kако македонски копродуцент се јавува „ОХО продукција“, a филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм. Искусни и перспективни професионалци од земјата и светот, во ТВ и филмска продукција, анимација и адвертајзинг, се обединети за да се реализира овој проект што ја унапредува модерната македонска кинематографија. С.Ј.


1 view

Comments


bottom of page