top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Светска премиера на музичкиот документарец „Ефтеркланг: Македониум бенд“ на фестивалот „CPH:DOX”

19.03.2024 Mart Vtornik

Проекцијата на филмот ќе биде проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд” во кој членуваат 22 македонски музичари. Во рамките на концертот ќе бидат отсвирени најпознатите песни од бендот „Ефтеркланг“, но и македонски песни и џез-стандарди во препознатливиот народен ритам. Музичкиот документарец претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум”, во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност

Филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд” (Efterklang: The Makedonium Band) во режија на Андреас Јонсен, а во продукција на Младински културен центар, Rosforth и Rumraket, ќе ја има својата светска премиера во Копенхаген, Данска, на еден од најголемите светски фестивали за документарен филм „CPH:DOX”.

Музичкиот документарен филм, кој се снимаше во текот на април 2023 година претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум”, во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.

Филмот, освен на 20 и 21 месецов, проекција ќе има и на 23 март, а која ќе биде проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд” во кој членуваат 22 македонски музичари. Во рамките на концертот ќе бидат отсвирени најпознатите песни од бендот „Ефтеркланг“, но и македонски песни и џез-стандарди во препознатливиот народен ритам. Концертниот настап и проекцијата ќе се случи во познатата сала „DR Koncerthuset”, која за време на изградбата во 2007 година важела за најскапата музичка сала што некогаш била изградена. Архитектот Жан Нувел, за дизајнот на „DR Koncerthuset” се здобива и со „Прицкерова награда за архитектура“.

-Филмот ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Во тој процес на регрутација на членови за новиот супер состав наречен „Ефтеркланг: Македониум бенд”, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски Грга, нивен пријател и посредник во целата авантура, истакнуваат од МКЦ.

Режисер на филмот е Андреас Јонсен, наградуван дански документаристички режисер чиј филм „Ai Weiwei: The Fake case“ го отворил изданието на „CPH:DOX” во 2013 година. Младински културен центар, пак, се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Покрај бендот „Ефтеркланг“, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

-Неверојатно сме возбудени за приликата да се испробаме и во филмот. МКЦ стои гордо како продуцент на овој музички документарен запис, чија идеја потекна токму од тука, од еден од настапите на „Ефтеркланг“ на музичкиот фестивал „Здраво млади“. Инспирацијата од Крушево, од монументалноста на споменикот „Македониум”, кој покрај државотворниот симболизам, буди и чувства на уметничка независност и израз беше токму вистинската линија за нарација на целиот филм. Веста дека премиерата на филмот ќе се случи на CPH:DOX беше огромно изненадување, изјавува Владица Младеновски од МКЦ.

Реализацијата на филмот е поддржана од страна на Министерството за култура, потоа Данскиот уметнички совет и „Culture Moves Europe” програмата на Европска Унија.

Инаку, годинава фестивалот „CPH:DOX“ се одржува од 13 до 24 март. Освен „Ефтеркланг: Македониум бенд”, и документарецот „Патување пеш“ (The Walk) на Тамара Котевска се прикажува на овој фестивал како дел од програмата „Highlights“. Вториот долгометражен документарен филм на македонската режисерка, позната по „Медена земја“, е посветен на сите бегалци од Сирија и Палестина и го следи патешествието на џиновската кукла Амал, висока 3,5 метри, која претставува млада сириска бегалка, и која се обидува да си најде нов и безбеден дом, патувајќи од Турција до Англија. Филмот проекции треба да има и на 21 и 22 март. Првата од нив ќе биде проследена со дебата за темата на филмот и прашањето: Каде одите кога вашиот дом исчезнал? (Н.И.Т.)


1 view

Comments


bottom of page