top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Светот го слушна потресниот повик на Бритни Спирс за слобода

Updated: Jun 28, 2021

26.06.2021 Juni Ponedelnik

Кога би се објавил написмено, говорот на Бритни Спирс пред судот во Лос Анџелес би опфаќал 4.500 зборови. На интернет кружат извадоци од обраќањето на некогашната „принцеза на поп-музиката“ во кое таа зборува за правната спогодба што во изминатите 13 години им овозможува на други луѓе контрола врз нејзиниот живот, пишува „Атлантик“.

Спирс тврди дека „злоупотребувачкиот“ договор за конзерваторски надзор (термин што се користи во САД за вид на трајно старателство) ја принудил да зема тешки лекарства и го попречил нејзиното секојдневие, забранувајќи ѝ да се омажи и да забремени. Таа сега бара слобода.

– За навистина да разберете што се случи во судницата, ќе треба да погледнете барем неколку минути од видеоснимките направени надвор од Судот, каде што ќе забележите бројни обожаватели на Бритни Спирс кои плачат додека го слушаат нејзиниот говор преку поставените звучници. Ќе го слушнете препознатливиот глас на Спирс, која очајнички ја раскажува нејзината приказна за заробеништво, молејќи да биде сметана за самостојна индивидуа – пишува американскиот магазин, наведувајќи дека јавноста беше исклучена од претходните сослушувања за судскиот случај на Спирс, но тие станаа јавни откако нејзиниот адвокат ја издејствувал промената.

Во 2008 година среде стресната битка со поранешниот сопруг за старателството врз нивните два сина, властите наредија привремен престој на Спирс во психијатриска установа. Нејзиниот татко Џејми тогаш побарал од судот да воспостави т.н. конзерваторски договор што ќе му овозможи контрола врз финансиите и животните одлуки на неговата ќерка. Почнувајќи од 2019 година почнаа да се појавуваат знаци, во судот и во медиумите, дека Спирс е незадоволна од спогодбата и бара од татка си да се откаже од правото самостојно да носи одлуки за нејзиниот живот.

„Њујорк Тајмс“ објави дека Спирс во повеќе наврати се обидела да го отфрли конзерваторството, но не успеала да издејствува правна слобода, како ниту финансиска слобода. Нејзиниот татко прима месечна плата од 16 илјади долари, две илјади долари на сметка на трошоците за канцелариски простор, како и одреден надомест од бизнис-активностите на Бритни Спирс што тој ги договорил. Од друга страна поп-пејачката добива неделен џепарлак од две илјади долари.

Бритни Спирс не одрекува дека ѝ е потребна медицинска нега, но тврди дека конзерваторскиот договор се должи на желбата за профит, а не поради загриженоста за нејзината безбедност.

– Луѓето што ми го сторија ова не би требале да можат да се шетаат толку слободно – кажа Спирс пред судот, додавајќи дека била принудувана да работи кога не сакала, како и да зема литиум против нејзината волја, а нагласи и дека испраќањето во клиниката за рехабилитација било понижувачко и мачно.

Преку нејзиното обраќање стана јасно дека таа се чувствува искористена и дека бара слобода.


0 views

Comments


bottom of page