„Свети Никола“ – една од најстарите зачувани цркви во Овче Поле
17.07.2024 Juli Sreda
Занимливости на Македонија
„Свети Никола“ е средновековна селска црква во светиниколското село Буриловци, Македонија. Црквата е гробјанска, прогласена е за споменик на културата на Македонија
Црквата се наоѓа во самото село Буриловци, источно од градот Свети Николе. Изградена е на старо култно место. Во нејзина непосредна близина се наоѓа средновековната некропола Пинговски гробишта, каде што се наоѓаат остатоци на постари надгробни споменици. Таа е една од најстарите зачувани цркви во Овче Поле. Потекнува од 9 век. Не е познато кога и од кој архијереј е осветена. Сепак, точниот датум на нејзиното подигнување е непознат, иако според некои споредби со други градби, веројатно потекнува од крајот на 15 век или почетокот на 16 век.
Црквата е гробишна еднокорабна градба. Има правоаголна основа и полукружен свод, типичен претставник на црковната архитектура од турскиот период во Македонија. Градена е од клепан и кршен камен со малтер, без некоја доследност во ѕидањето. Печени тули се употребувани само за создавање на лакот над нишата на западната фасада.
Фото: Кирил Симеоновски
Влезот е од западната страна преку ниска еднокрилна вратичка. Прозорците имаат облик на пушкарници од средновековните одбранбени кули. Во горниот дел од надворешната страна, ѕидовите завршуваат со профилиран корниз изведен од кршен камен.
Стилските одлики на ѕидното сликарство и извесната монументалност, пастелниот колорит и украсните елементи, упатуваат на стилските разбирања од крајот на 15 или почетокот на 16 век. Во тематскиот склоп на сликаната програма е вклучен текстот на Неделниот прокимен.
Се забележуваат фрески од два временски периода. Првиот слој, од времето на ѕидањето, а вториот од една реставрација од последните години на 19 век. Зографот на црквата спаѓа во редот на талентирани уметници. Меѓу позначајните композиции се: „Успение на Света Богородица“ на западниот ѕид над влезната врата, „Раѓањето на Христа“, „Сретење“ и други. Д.Ст.
Фото: Кирил Симеоновски
Фото: Кирил Симеоновски
Буриловци
Буриловци е село во областа Овче Поле, во општината Свети Николе, во близината на градот Свети Николе. Името на селото првпат е споменато како Бориловци во турски документи од 1519 година. Неговото потекло доаѓа од личното име Борило (Боре или Борислав). Остатоците од старини укажуваат дека во денешното село имало жители уште од стари времиња. Месното население зборува дека во самото село ископувале дебели ќерамиди, врчви и гробови. Буриловци е старо село, отсекогаш сместено на денешното место.
Некогаш ова село имало многу домови, но за време на отоманскиот период, кога беговите почнале да им ја одземаат земјата на селаните, селото се намалило и доста се иселиле. За време на отоманскиот период, голем дел од земјата држеле турски бегови. Речиси една половина од селскиот атар бил во посед на Изет-бег. Тој и другите бегови живееле во Штип. При ослободувањето, малобројните Македонци во селото дел од земјата откупиле, а еден дел во 1936 година добиле од државата. Д.Ст.
Comments