top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Свежината од деби-филмовите тешко се повторува во зрелите фази на режисерите

Небојша Јовановиќ, директор на „Киненова“

Реализиравте уште едно издание на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“… Накратко, како се стигна до шесто издание, тежок ли беше патот дотука? – Во повеќе наврати имам кажано дека „Киненова“ е пркос, борба за слобода, секаква, слобода на изразување, на создавање уметност, на искажување став за општествените појави, за она што се случува во насока на подобрување на состојбите или одржување на веќе постојните вредности. Тоа значи дека до ова издание стигнавме со посветеност, многу, многу работа и голема љубов и ентузијазам. Не ни беше дадено ништо, сѐ создаваме со наш труд и, покрај сите големи проблеми и пречки, на крајот тоа исполнува, таа слобода дека сами сте искреирале нешто, со помош на пријатели и почитувачи. До ова издание се стигна со квалитетно програмирање на фестивалот, со ширење на гласот за него до сите меридијани, со многу голема помош од мои и пријатели на фестивалот и на филмската уметност од целиот свет.

Не стравувате ли можеби дека „Киненова“ ќе се изгуби во мноштвото филмски фестивали кај нас, особено со оглед на ограничената публика? – Доколку и малку размислував за каков било страв, немаше да се случи „Киненова“. Не би рекол дека има ограничена публика, туку, напротив, има неограничена публика, до која треба да се дојде, која треба да се образова и насочува, да се испровоцира да гледа филм во кино, да се активира и да ги сподели своето искуство и мислење по филмовите што ќе ги изгледа. Никаде и никогаш публиката не се создала одеднаш, ниту на „Санденс“, ниту во Солун и Софија, а ниту во еден огромен град како Истанбул. Многу често публиката на многу места низ светот не знаела ниту како да се однесува во киносала, но организаторите на фестивалите многу внимателно и трпеливо и настојчиво ја образовале публиката низ тој долготраен процес. Не заборавајте, публиката не треба да се потценува, таа се навикнува на она што ѝ го пласирате. Одговорноста за немањето полни киносали повеќе треба да се бара во организаторите, во начинот на пласирање на содржините, во недоволната вистинска филмска критика, во тоа што сите простори се преземени од комерцијалните содржини и бизнис-интересите на оние што ги пласираат. Сите ние како да сакаме цело време некој нешто да ни даде, да имаме сѐ одеднаш. Од друга страна, секако дека има криза во културата, која особено се одразува на филмот, фестивалите и филмската дистрибуција, на која особено влијае и пиратеријата, секако и нелегалната достапност на филмовите. За да се стекне верна публика, треба традиција, која не се создава прекуноќ.

Како успевате да создадете препознатливост? – „Киненова“ е еден од ретките фестивали во Македонија со свој оригинален концепт и идентитет. Фокусирани сме на откривање нови авторски имиња, прикажувајќи деби или втори филмови на автори од целиот свет. Така, откритие на „Киненова“ се режисерскиот тандем од Бугарија, Петар Валчанов – Кристина Грозева, Русинот Кантемир Балагов, Стефан Арсенијевиќ од Србија, Захариас Мавридис од Грција и многу други, кои се веќе звучни имиња во светот на филмот низ целиот свет. Во исто време, фестивалот ги награди големите филмски ѕвезди, како Мира Фурлан, Жарко Лаушевиќ, Аница Добра, Бранка Катиќ и многу други, но им даде достојно внимание и им укажа чест со постхумно доделување награда на Сабина Ајрула Тозија и на Љупчо Тодоровски-Упа.

По светската криза поради пандемијата, оваа година фестивалот полека се врати на класичниот формат на одржување во живо. Се согласувате ли дека на филмот му треба затемнета киносала, дека само така магијата е целосна? – Апсолутно се согласувам, отсекогаш и засекогаш. Магијата е во кино. Има одреден шарм и прикажување на отворено, на некој убав простор, но ми се чини дека на таквите прикажувања не уживате само во филмот, туку го делите уживањето со просторот, што е исто така убаво и легитимно. Има многу фестивали на отворено, со многу голема и верна публика.

Сепак продолжува и традицијата почната од лани, со емитување дел од фестивалската содржина на ТВ 24. Каков ефект имате од оваа практика? – Форматот на ТВ 24 постигна огромен успех во услови на светска пандемија. Го погодивме моментот и мислам дека имаше мултиплициран ефект. Реакциите се одлични. Ме исполнува што сѐ уште среќавам луѓе што не ги познавам или ги познавам од фелата, а кои ќе ми кажат за филмови што паметат дека ги гледале минатата година на ТВ и каква одлична можност било тоа да се погледнат специфични филмови во моментите кога постои ограниченост на движење и присуство во јавни простори, меѓу кои и кина.

На отворањето во киното „Милениум“ беше прикажан филмот „Бановиќ Стахиња“ на Стефан Арсенијевиќ… Како падна изборот токму на ова остварување? – Овој филм е особено важен за моментот во кој живееме, хуман, топол и искрен филм за луѓето што се секаде, а во ист момент и никаде. Луѓе што не можат да живеат од одредени причини во својата земја и што ја напуштиле, а ние од овие или оние причини сакаме да не го забележуваме тоа. Искреното проговорување за проблемите на обичните луѓе, кои се жртви на какви било политички или општествено-социјални процеси, е секогаш важно.

Фестивалот оваа година ги славеше македонската кинематографија и делото на македонските филмски уметници, што беше во фокусот? – Оваа година му ја посветивме на делото на македонските филмски великани Мето Јовановски, Сабина Ајрула Тозија и еден од основачите на фестивалот, Љупчо Тодоровски-Упа. Ова е нешто што треба да се прави почесто.

„Киненова“ е благонаклонета и кон помалите кинематографии, дали тоа му дава посебен белег на фестивалот? – Да, тоа е вториот белег на фестивалот, да претставуваме кинематографии што се помали или помалку познати во Македонија, а тоа го правиме со успех, па, така, досега успешно ги претставивме венецуелската, холандската, ирската, турската, австриската и многу други кинематографии.

Како ќе ја коментирате селекцијата на главната програма? – Последните четири години имаме исклучително силна главна програма. Го негуваме овој идентитет и во оваа програма ги вложуваме сите контакти и ресурси за да донесеме сѐ што е најдобро од новите филмски режисери. Она што го гледам, а што е актуелно во сферата на филмот во последно време, а можеби е така отсекогаш, е дека младите и новите се секогаш поискрени во пристапот и поотворени кон слободна форма на изразување во секоја смисла, тематски, наративно, стилски или естетски. Секогаш е потешко на почетокот, но тоа раѓа нов квалитет. Таа борба за слобода на изразувањето како да дава поттик, кој многу често создава квалитет и свежина што тешко се повторува во подоцнежните, таканаречени зрели фази на режисерите. Она што е интересно за концептот на фестивалот е дека кога го претставуваме делото на некои големи автори, најчесто ги прикажуваме филмовите од нивните најрани фази.


3 views

Comments


bottom of page