„Свадбата на Фигаро“ од Моцарт в среда во НОБ, влезот слободен
На малата сцена на Националната опера и балет на 14 јуни, в среда, од 20 часот, „Балкан опера студио“, во копродукција со Оперското студио при театарот на Литванската национална опера и Балет и нашиот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ, ќе ја изведат омилената опера од Моцарт, „Свадбата на Фигаро“. Изминатиов период исклучителна екипа составена од врвни професионалци и млади надежи работеше на поставката на ова оперско дело. Режијата и продукцијата се на Љупка Јакимовска и Дамјан Попоски, музичкиот директор на Оперското студио при Литванската национална опера и Балет, Раминта Лапсатис, ќе настапи на чембало, а соработник на пијано е Јанинка Невчева. Насловниот лик му е доверен на Јонас Сакалаускас, а нему на сцената ќе му се придружат Емилија Финагејеваите, Невен Силјановски, Јулија Каралиунаите, Силвија Плешке, Миндаугас Мишкинис, Лауринас Аксамитас, Мартина Мокшецкаите и Марко Димовски, а во улогата на грофицата Алмавива, како специјална гостинка, ќе настапи првенката на литванската опера, Јоана Гедминтаите. Влезот за ова македонско-литванско-хрватско оперско искуство е слободен во согласност со капацитетот на салата.
Comments