top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Свадбата на Фигаро“ во организација на „Балкан опера студио“ во НОБ

На Малата сцена на Националната опера и балет, на 14 јуни (среда) од 20 часот, „Балкан опера студио“ во копродукција со Оперското студио при Театарот на Литванската национална опера и балет и нашиот оркестар „Профундис“ под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ ќе ја изведат омилената опера од Моцарт – „Свадбата на Фигаро“.

Изминатиов период, исклучителна екипа составена од врвни професионалци и од млади надежи работеше на поставката на ова оперско дело. Режијата и продукцијата се на Љупка Јакимовска и Дамјан Попоски, музичкиот директор на Оперското студио при Литванската национална опера и балет – Раминта Лапсатис ќе настапи на чембало, а соработник на пијано е Јанинка Невчева.

Насловниот лик му е доверен на Јонас Сакалаускас, а нему на сцената ќе му се придружат: Емилија Финагејеваите, Невен Силјановски, Јулија Каралиунаите, Силвија Плешке, Миндаугас Мишкинис, Лауринас Аксамитас, Мартина Мокшецкаите и Марко Димовски, додека во улогата на грофицата Алмавива, како специјална гостинка, ќе настапи првенката на Литванската опера, Јоана Гедминтаите.

Влезот за ова исклучително македонско-литванско-хрватско оперско искуство е слободен (согласно со капацитетот на салата), а организаторот „Балкан опера студио“ им се заблагодарува на Националната опера и балет, директорот Васо Ристов и на уметничкиот раководител на Операта, Дејан Прошев, за соработката и поддршката.


0 views

Comments


bottom of page