top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Свадбарските песни оттргнати од заборавот

ИСПОЛНЕТ АМАНЕТОТ НА РОДИТЕЛИТЕ

Посетителите на годинашното, 49-то издание на културолошко-туристичката манифестација „Галичка свадба“, која се одржа на 60-от јубилеј од првата свадба во 1963 година, со воодушевување присуствуваа на промоцијата на носач на звукот на осум обредни галички свадбарски песни. За нивното спасување од заборавот се заслужни сестрите Достана, Софка и Светлана Караѓозовски од Галичник. – Идејата да снимиме осум галички свадбарски обичајни песни е многу стара. Имавме неколку обиди самоиницијативно да го реализираме проектот и неколкупати аплициравме да добиеме средства од Министерството за култура, но бевме одбиени со образложение дека не ги исполнува условите. Не се разочаравме, продолживме кон наоѓање решение да го реализираме проектот. Со идејата го запознавме професорот Роберт Ангеловски, кој ја почувствува нашата голема желба да го исполниме аманетот на нашите родители, Томо и Љубица, што го носевме со децении. Една вечер со сестрите влеговме во студиото на пријателот на професорот и во еден здив ги испеавме осумте песни: „Бегала свршена девојка“, „Шир шири се, мајко моја“, „Нејќет зетот бербер да го бричит“, „Мушчулџија голем аберџија“, „Игралито срце јунаково“, „Ај, јуначе, китка босилкова“, „Огреала месечина по чесна трпеза“ и „Радувај се, јунакова мајка“ – нѐ запозна Достана, иницијаторка и организаторка на проектот. Нашата соговорничка Достана со голема возбуда се присетува и на првата „Галичка свадба“.

– Имав осум години, бев облечено во доламче со калемќарче на главата, трчав и се радував, истото тоа ми се случуваше на секоја манифестација. Со сестрите Софче и Светле секогаш учествувавме и учевме како се пеат свадбените обичајни песни. На наше огромно задоволство ги пеевме сѐ поубаво и поубаво, а на почетокот на 1990-тите години и потоа, свадби се одржуваа без изведување на обичајните песни. Ние продолжувавме да ги пееме во секоја пригода, да не се заборават. Во последниве неколку години се обнови традицијата група млади ентузијасти да ги пеат песните – вели Достана.

И сестрите Софка и Светлана се задоволни што го исполниле аманетот на родителите, особено на мајка си Љубица, која имала ангелски глас и, како што ни рекоа, постојано ги терала заедно да ги пеат и да ги учат песните, со што оставаат белег на корените. – Ние сме деца на Галичник, израснати и воспитани во тој дух, и затоа велиме дека сакаме традицијата и обичаите да продолжат, тоа е она што нė прави различни од другите, а толку свои – изговорија едногласно и потврдно. Целата финансиска конструкција на носачот на звукот е на трите сестри. Тие продолжуваат со активноста и планираат да ги снимат песните за секој обичај. За снимените песни во тек е подготовката на брошура со текст и ноти, за што се заслужни Роберт Ангеловски и неговиот пријател од студиото во кое беа снимени песните. Галичник е неисцрпен извор, рудник на настани, обичаи и песни што сѐ уште не се објавени. Трите сестри Караѓозовски се надеваат дека и нив ќе ги стават на цеде и, како завет и аманет, ќе им ги остават на своите деца, внуци и правнуци и на сите галичани и љубители на Галичник.

Автор: Киро Кипроски



0 views

Commentaires


bottom of page