top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Самостојна изложба на слики на академската графичарка и професорка Милена Арсовска

Во Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, в четврток, 9.11.2023 година, во 19.30 часот, ќе биде отворена самостојна изложба на слики на академската графичарка и професорка Милена Арсовска со наслов „Парадоксот на автентичноста“. Милена Арсовска е родена 1985 година во Куманово Р. Македонија. Работи како професор по графички дизајн и графички предмети во СОУ „Перо Наков“ – Куманово, на насоката за графички дизајн. Има завршено средно уметничко училиште ДСУПУ „Лазар Личеноски“ во Скопје, отсек графика. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, педагошка насока, насока графика во класата на проф. Трајче Блажевски, каде што работи две години како демонстратор по графика и графички техники. Исто така, изработува илустрации за книги, графики, слики, икони, фрескоживопис и графички дизајн. Има учествувано на повеќе меѓународни ликовни колонии, групни изложби, ликовни работилници и проекти. За својата работа има добиено повеќе награди и признанија. За изложбата на Милена Арсовска, „Парадоксот на автентичноста“,, историчарот на уметноста Роберт Цветковски ќе запише: „Понекогаш чекањето на вистинскиот момент за свое самостојно претставување пред ликовната публика и критика може да биде добра одлука која ќе резултира со една зрела, осмислена и технички (во ликовно-естетска смисла) беспрекорно изведена колекција на нови дела – автентични по визуелните атрибути вметнати во сликите но, исто така, и универзални по нивната тематската преокупација. Токму таков случај е изложбата „Парадоксот на автентичноста“ од авторката Милена Арсовска, којашто можеме да ја видиме во едно интегрално издание во кое се чувствуваат повеќегодишните искуства собрани од работата на графичкиот оддел на факултетот, учеството на групните изложби, колонии, ликовни проекти па и искуства од ликовно-педагошкиот едукативен процес гледан од визура на професор по графички дизајн. Самиот наслов на изложбата нè упатува на првата задача којашто ја има секој млад автор а тоа е грижа за автентичноста, оригиналноста и посебноста на авторскиот израз. Во таа смисла, неопходно е поставување на определени визуелни концепти коишто би правеле една ликовно-естетска парадигма на чиишто основи би се вршеле подоцнежните ликовни истражувања и пристапи. Тргнувајќи од овие премиси, Милена Арсовска изработува еден податлив визуелен конструкт којшто асоцира на цвет-ембрион и во него и околу него ги поставува темите на едноставен и јасен визуелен јазик. И токму тој воспоставен универзален ликовен вокабулар придонесува комуникацијата на релација дело – консумент да оди лесно, со што делата се читливи и за најшироката публика. Инаку, цветот-ембрион по својата природа претставува ентитет во процес со што авторката укажува на временската димензија на проблемот и апсурдот поврзан со истиот. Во поширока смисла тука е отворен дискурсот за современото егзистирање и дејствување но и апсурдите коишто неизбежно како реакција и негација се појавуваат во нашето секојдневно живеење. Композициската поставеност на елементите во сликите е изведена на професионален начин, со водење сметка за баланс и условна симетрија, согласно академските нормативи; а фокусот е насочен кон центарот на сликата, поточно, во центарот на цветот-ембрион, понекогаш придружуван и од додатни знаковни елементи коишто го дообјаснуваат наративот; и, се разбира, сето тоа е комплетирано со соодветни колористични пастелни партии. Изборот на актуелни теми од нашето непосредно опкружување (Вештачка интелигенција, Харп, Клон, Новото нормално, Енергетска криза, ГМО и др.) укажува на загриженоста на авторката за повеќе аспекти од современото живеење. Обидот да се укаже на истите и нивното актуализирање е впрочем и единственото нешто што уметноста може да го стори. Во таа насока изложбата на Милена Арсовска успешно ја остварува исконската мисија на уметникот и неговите настојувања со своите креации да го направи светот подобро место за живеење…“ Проектот е подржан од Министерство за култура и е од годишната програма на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово за 2023 година. Изложбата ќе биде поставена до 23.11.2023 година.





2 views

Comments


bottom of page