top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Само три дестинации во светот се отворени за сите туристи

13.07.2021 Juli Vtornik

Од 1 јуни, 29 проценти од дестинациите во светот се целосно затворени за меѓународен туризам, претежно мали островски држави во регионот на Азија и Тихи Океан, додека само три дестинации се отворени за туристи без никакви ограничувања. Според најновите податоци на Светската туристичка организација, туристите од целиот свет се добредојдени во Албанија, Доминиканската Република и Костарика. Новото издание на извештајот на УНВТО за „пандемија“ и за ограничувањата за патувањата беше објавено на почетокот на јули. Извештајот покажува дека заклучно со 1 јуни 2021 година, 29 проценти од дестинациите се затворени за меѓународен туризам, повеќето од нив се затворени од мај 2020 година или подолго. Околу 34 проценти од сите дестинации во светот се делумно затворени, а 36 отсто од државите бараат негативен тест на ковид-19, во некои случаи има и барање за карантин. Сепак, поради појавата на нови видови вирусот, 42 проценти од дестинациите во светот воведоа посебни ограничувања за посетителите од дестинациите со загрижувачки варијанти, од суспензии на летови и затворање на граници до задолжителен карантин.

Покрај тоа, УНВТО посочува дека во одредени земји постои силна врска помеѓу стапката на имунизација и олеснувањето на ограничувањата, така што дестинациите што имаат повисока стапка на вакцинација, каде што се усогласени правилата и протоколите, како што се оние во шенген-областите на ЕУ, се во подобра позиција за лесно враќање на туризмот. Владите имаат клучна улога во ова закрепнување преку соработка меѓу секторите, употреба на податоци и дигитални решенија за безбедно патување и престој, што, со глобалното воведување на имунизацијата, според очекувањата и прогнозите на УНВТО, треба да доведе до зголемена меѓународна мобилност и укинување на ограничувањата во наредните неколку недели и месеци. Меѓу регионите во светот, според извештајот на УНВТО, Европа е регион со најмалку затворени дестинации од 1 јуни, 13 проценти, за разлика од регионот на Азија и Тихи Океан, каде што повеќето или 70 проценти од сите дестинации се затворени за меѓународен туризам. Според УНВТО, 20 проценти од дестинациите се затворени за меѓународни туристи во Северна и во Јужна Америка, 19 проценти во Африка и 31 процент на Блискиот Исток. Ова, според УНВТО, дополнително покажува дека сè уште има различни чекори и регионални разлики во однос на ограничувањата на патувањата, кои ќе продолжат да го „задушуваат“ почнувањето на глобалниот туризам.


3 views

Comments


bottom of page