Само поранешни домаќини останаа во игра за организација на ЗОИ 2030
ОЛИМПИЗАМ
Шпанскиот олимписки комитет соопшти дека локалните власти на Барселона и регионот на Пиринеите, кои требаше да ги делат кодомаќинските обврски, не постигнале договор, поради што ја повлекува кандидатурата за организација на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2030 година. Шпанскиот комитет му кажал на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) дека сака да ги продолжи разговорите за потенцијално домаќинство на ЗОИ по 2030 година, објави „Ројтерс“. Тоа значи дека сега остануваат три града-кандидати, Солт Лејк Сити (САД), Сапоро (Јапонија) и Ванкувер (Канада). Солк Лејк Сити претходно беше домаќин на ЗОИ 2002, Сапоро во 1972 година, а Ванкувер во 2010 година. Одлуката кој ќе биде домаќин на ЗОИ 2030, ИОК треба да ја донесе во текот на следната година, во мај или јуни. Во минатата недела тим од Солт Лејк Сити, вклучувајќи ја и поранешната славна алпска скијачка Линдзи Вон, се состана со претставници на ИОК во седиштето во Лозана (Швајцарија) и рече дека сѐ поминало добро. Лос Анџелес е домаќин на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2028 година, а од Втората светска војна ниту една земја не била домаќин на две олимписки игри едноподруго. Солт Лејк Сити, кој беше домаќин на Зимските олимписки игри во 2002 година, истакнува дека е подготвен и за ЗОИ 2034 доколку биде потребно.
Comments