Само победа води до второто место
Updated: Nov 12, 2021
11.11.2021 Noemvri Cetvrtok
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022, ЕРМЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА
За Македонија нема друг избор и калкулации, освен да оди на победа во дуелот против Ерменија на гости, вечерва (18 часот), во Ереван, во претпоследниот квалификациски натпревар во групата Ј за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар. Со трите бода од овој меч, Македонија, која моментно е трета во групата со 12 бода, ќе ги задржи шансите за освојување на второто место што води во плејофот напролет. Но во иста ситуација, на четвртата позиција, со ист број бодови и со исти сметки е и Ерменија, да се чека расплетот во последното коло, односно кикс на Романија, која е втора со 13 бода и која игра со Исланд дома и потоа со Лихтенштајн на гости, в недела. Каков и да биде исходот од вечерашните мечеви, за второто место во групата Ј ќе се решава в недела. Селекторот на Македонија, Благоја Милевски, има проблеми со повредите на неколку играчи, Аријан Адеми, Бобан Николов, Адис Јаховиќ, Ердал Ракип, Дени Илиев, а не ќе може да смета ниту на капитенот Стефан Ристовски поради жолти картони. – Ќе биде тешко, Ерменија е силен, квалитетен противник, против кого во Скопје одигравме добро, доминиравме, но не успеавме да постигнеме гол. Повредите секако се проблем, но сигурен сум дека тие што ќе настапат ќе го дадат максимумот. Ќе сториме сѐ за да победиме, тоа е нашата крајна цел – изјави Милевски, пред почетокот на мини-подготовките за двата ноемвриски меча.
Ерменците одлично ги почнаа квалификациите. На првите три меча забележаа три победи, на гости над Лихтенштајн (1-0) и дома со Исланд (2-0) и со Романија (3-2), но потоа на следните пет меча претрпеа два пораза, а трипати ремизираа (меѓу другите дома со Лихтенштајн, 1-1). Ерменија, која моментно е на 89-та позиција на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), има идентичен ефект во досегашните 11 дуели со Македонија (74-та на листата на ФИФА), по четири победи и три ремија (гол-разлика 17-15). Во минатите две кола, во октомври, Ерменија двапати гостуваше, кај Исланд (1-1) и во Романија (0-1), а Македонија го совлада Лихтенштајн на гости (4-0), а дома загуби од Германија (0-4), што значеше крај на серијата од шест меча без пораз. На СП 2022, Европа ќе ја претставуваат 13 фудбалски репрезентации. На Германија и на Данска, кои веќе се квалификуваа, в недела ќе им се придружат уште осум други победници во групите, вкупно 10. Преостанатите три европски места ќе бидат пополнети по плејофот што е закажан од 24 до 29 март, во кој ќе разигруваат 10-те второпласирани во групите и две селекции победници на групите во Лигата на нациите (ЛН) од сезоната 2020/2021, кои нема да се квалификуваат директно ниту пак се втори во групите од квалификациите.
Comments