top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Салцбург ги открива и ги негува идните големи ѕвезди

ФУДБАЛ

Австриски Салцбург знае дека ќе дојде време кога талентираниот млад напаѓач Карим Адејеми ќе ја продолжи кариерата во некој друг фудбалски клуб. Тие исто така знаат дека голем број млади надежни играчи „тропаат на вратата“ и чекаат да го заменат. Тоа е убавината на моделот на клубот од Австрија, се наведува во статијата на „Би-би-си“. Пред Адејеми, 19-годишниот германски репрезентативец, тоа беше Ерлинг Холанд, претходно Наби Кеита, Дајот Упамекано, Садио Мане, и многу други. – Играч како Карим привлекува интересирање кај многу добри клубови. Но тој знае што добива од нас и колку му е важно да се развива чекор по чекор. Тој од нас добива добра минутажа и шанса да игра на високо ниво. Кога ќе биде време, тој ќе го направи следниот чекор во кариерата – вели Кристоф Фројнд, спортскиот директор на Салцбург, клубот што првпат се пласира во осминафинале во Лигата на шампионите (ЛШ). Филозофијата во Салцбург се смени во 2012 година, кога спортски директор стана Ралф Рангник, сега привремен менаџер на Манчестер јунајтед. Со доаѓањето на Рангник во клубот беа воведени голем број принципи, кои преовладуваат и денес, пишува „Би-би-си“. Фокусот на Салцбург е на купувањето и развивање млади таленти, односно ретко ангажираат играчи над 23 години. – Ние сме најмладиот тим во групната фаза на ЛШ, со просечна возраст од околу 22 години. Во почетокот, многу луѓе не разбираа што правиме или беа незадоволни. Имаше многу нешта, на многу нивоа, што требаше да направиме за да ги убедиме луѓето во нашата работа. Сега привлекуваме голема почит за она што го работиме. Знаеме и дека не може секогаш да биде подобро и оти ќе имаме години кога ќе се мачиме. Но и тогаш нема да го смениме начинот на вршење на работите – вели Фројнд.

ЈАСНА ФИЛОЗОФИЈА

Основата на успехот на клубот е „извидничката мрежа“, на која многумина во светот ѝ завидуваат, а ефективноста на системот се гледа преку играчите што се трансферираат во други клубови. Минатото лето, напаѓачот Патсон Дака и играчот од средниот ред Енок Мвепу од продажбата на Лестер, односно на Брајтон му донесоа на Салцбург околу 50 милиони фунти (58,5 милиони евра), пишува „Би-би-си“. Минатите неколку години низа играчи заминаа во Лајпциг. Фројнд вели дека тоа, пред сѐ, е одлука на играчите, посочувајќи го примерот со Борусија Дортмунд, која го ангажира Холанд, плаќајќи ја откупната клаузула од 20 милиони евра, лани во јануари. Тоа е 11,7 милиони евра повеќе отколку што Салцбург му плати на Молде за Холанд 17 месеци претходно. На заминувањето на Холанд, Салцбург одговори со ангажирањето на швајцарскиот напаѓач Ноа Окафор (21) од Базел за клупски рекорд за идентични 11,7 милиони евра. – Системот на скаутирање се заснова врз јасната филозофија што ја имаме во клубот, како и врз јасната слика за младите таленти што сакаме да ги имаме кај нас. Калибарот на играчи што ги привлекуваме нѐ прави многу интересни за талентите, кои инаку веројатно никогаш не би ја избрале Австрија. Сите ние и, се разбира, нашиот извиднички тим сме убедени во оваа филозофија, што значи дека точно знаеме што бараме – објаснува Фројнд. Во еден напис што го објави клубот се наведуваат детали за нивниот скаутинг-процес. Во Салцбург велат дека прво бараат локални таленти на помлада возраст, а потоа се насочуваат кон европските играчи на возраст над 16 години, оние за кои врвните клубови се двоумат да ги ангажираат. Од 18 години па натаму, ангажираат и играчи на меѓународно ниво.

МЛАДИНСКИ ПРВАК

– Од една страна, внимателно бараме млади играчи низ светот што одговараат на нашиот стил на фудбал. Од друга страна, имаме многу добар пристап до пазарот благодарение на нашата одлична репутација за развој на таленти – додава Фројнд. Оние што ги исполнуваат критериумите на клубот – одлучни, способни за брза транзиција и кои имаат позитивен менталитет – влегуваат во базата на податоци со повеќе од 400.000 имиња. Најдобрите лично се надгледуваат за да се испитаат детали за нивниот карактер. Клупската „крајна скаутинг-листа“ го покажува идеалниот кандидат за секоја позиција. Кога Салцбург ќе одлучи дека му треба одреден играч, процесот на ангажирање може брзо да се одвива. Дел од тој процес е и најсовремениот клупски тренинг-центар во Лиферинг, објект што може да се пофали со антигравитациска патека за трчање, и каде што се многуте податоци клучни за давањето повратни информации за перформансите на играчите. Доказот за успехот на клупската академија дојде кога Салцбург ја освои младинската лига на УЕФА во 2017 година, три години по отворањето на објектот. Но изложеноста на сениорскиот фудбал на млада возраст, исто така, е привлечна и клубот има за цел да овозможи „многу рано што е можно повеќе време за игра на професионално ниво“. – Тие влегуваат во систем што е совршен за младите таленти и им помага да се развијат и да ги покажат своите квалитети – објаснува Фројнд.


2 views

Comentários


bottom of page