Салфетка на која е потпишан првиот договор на Меси со Барселона ќе се најде на аукција
ФУДБАЛ
02.02.2024 Februari Petok
Салфетката на која бил потпишан првиот договор на 13-годишниот Лионел Меси со Барселона треба да се најде на аукција во март, со почетна цена од 300.000 фунти, пишува „Би-би-си“. Салфетката, потпишана во декември 2000 година, носи обврска од тогашниот директор на Барса, Карлес Рексач, да потпише со Меси, а е потпишана и од Хосеп Мингела, советник за трансфери на шпанскиот клуб, и од агентот Хорасио Гаџиоли, кој го препорача Аргентинецот, пишува „Би-би-си“.
Меси ѝ се приклучи на Барселона еден месец подоцна и потоа стана нејзиниот рекорден стрелец. Тој дебитира на 16-годишна возраст и потоа постигна 672 гола во 778 натпревари за каталонскиот клуб. Меси освои 10 титули во Ла лига и четири титули во Лигата на шампионите со Барселона, пред да замине во Пари сен Жермен во 2021 година.
Напишан со сино мастило, договорот на салфетката гласи: „Во Барселона, на 14 декември 2000 година, и во присуството на господата Мингела и Хорасио, Карлес Рексач, спортскиот директор на ФК Барселона, со ова се согласува, под негова одговорност и без оглед на какви било спротивставени мислења, да потпишеме со играчот Лионел Меси, под услов да се придржуваме до договорените суми“, пишува „Би-би-си“.
Салфетката ќе се најде на чекан преку британската аукциска куќа „Бонамс“ во март. Раководителот на убави книги и ракописи во „Бонамс“, Иан Елинг, рече: „Ова е еден од највозбудливите предмети со кои сум ракувал. Да, тоа е хартиена салфетка, но тоа е познатата салфетка што беше на почетокот на кариерата на Лионел Меси. Тоа го промени животот на Меси, иднината на ФК Барселона и беше клучна за да им се дадат некои од најславните фудбалски моменти на милијарди навивачи низ светот“, пренесе „Би-би-си“. Н.М.
Comentarios