top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Сакаат повторно да го затворат Новак и да го депортираат?

Австралиските власти имаат намера повторно да ја укинат визата на Новак Ѓоковиќ и да го депортираат од државата, кажа братот на најдобриот светски тенисер, Ѓорѓе Ѓоковиќ, за српските медиуми.

– Непроспиени ноќи за целата фамилија, поминуваме низ исклучително тешки мигови. Новак покажа колку е истраен, колку верува во своите идеали и оти е голем човек, како и дека се избори, не само за себеси, туку за целиот свет. Од друга страна имаме систем во Австралија кој донесе одлука во корист на сите факти и не постоеше причина за друга одлука, а сега добиваме информации дека министерот за внатрешни работи очигледно е над судот – истакна Ѓорѓе Ѓоковиќ.

Тој нагласи дека австралиските власти повторно сакаат да го затворат водечкиот светски рекет.

– Ова дефинитивно е политика, се ова беше политика. Ние сме ангажирани на сите социјални мрежи и последната информација гласи дека сакаат да го затворат. Моментно се консултираме со адвокатите и со пиар-службите. Новак е со своите адвокати и моментно размислува за своите опции. Ова беше голем пораз за австралиските политичари и тешко го поднесуваат – порача најмладиот од браќата Ѓоковиќ.

Утринава се појавија неофицијални информации од Австралија според кои имиграциската полиција повторно го задржала Ѓоковиќ врз основа на правото на министерот за имиграција Алекс Хоук да го депортира. Ваквото тврдење меѓу првите на Твитер го објави новинарката од Австралија Ксенија Павловиќ Мекатер, повикувајќи се на информации од таткото на Новак, Срѓан Ѓоковиќ, но австралискиот весник „Ејџ“ кој го следеше со внимание судењето, демантираше дека Ѓоковиќ е приведен, наведувајќи дека добил потврда од австралиската влада.

Ако австралискиот министер одлучи да му ја укине визата на Ѓоковиќ, српскиот тенисер би се соочил со тригодишна забрана за влез во Австралија. Австралиската влада се согласи да ја повлече одлуката за укинување на визата на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, што значи дека визата со која Србинот пристигна во Австралија е важечка, по денешното судско рочиште. Според одлуката на судот, Ѓоковиќ доби дозвола да го напушти хотелот во Мелбурн во кој престојуваше во изминатите неколку дена.


3 views

Comments


bottom of page