Саемот на книгата во Скопје годинава со над 60 издавачки куќи и 30 промоции
По повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, ќе се одржи промотивен настан насловен „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!” На настанот организиран од „Арс ламина“, кој ќе започне во 19 часот во Промотивниот центар во арената „Борис Трајковски“, ќе се даде осврт на најзначајните творци на македонската книжевност: Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев…
Саемот на книгата годинава се враќа во редовниот, пролетен термин на одржување, па од 3 до 9 мај, во арената „Борис Трајковски“, читателите ќе имаат можност да уживаат во над 30 промоции и најнови наслови на над 60 издавачки куќи, а ќе има гостувања и на странски автори.
„Покрај враќањето на Саемот на книгата во редовниот термин на одржување, се очекува да се вратат и групните посети за учениците од средните и од основните училишта во државата. Како една од најзначајните манифестации од областа на културата, Саемот нуди богата програма за деца и млади со која најмладите посетители ќе можат да уживаат во светот на книгите. За време на Саемот ќе бидат организирани и работилници и промоции на нови изданија за деца“, посочуваат организаторите на Саемот, кој и годинава се одржува со поддршка на Министерството за култура.
Според Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопски саем и носител на проектот, годинава по повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, ќе се одржи промотивен настан насловен „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!” На настанот организиран од „Арс лaмина“ – Скопје, кој ќе започне во 19 часот во Промотивниот центар во арената „Борис Трајковски“, ќе се даде осврт на најзначајните творци на македонската книжевност: Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев, итн.
На 34. издание на Саемот на книгата 2022 ќе се претстават повеќе од 60 издавачки куќи од Македонија, но и во Турција, Србија, Косово и од Албанија. Во седумте саемски денови ќе се одржат повеќе од 30 промоции, а ќе бидат доделени и наградите на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Значајно претставување оваа година ќе има Република Турција преку своето Министерство за култура и туризам. Во рамките на нивниот штанд се најавени многу активности со уметници и автори од оваа земја.
Државниот архив ќе претстави околу педесет наслови, меѓу кои изданија за познати историски личности, повеќе едиции на зборници од архивски документи за македонската национална историја, кои се плод на истражувачката работа во архивите во странство, повеќе монографии што исцрпно обработуваат значајни настани и прашања од нашата историја, како и оригинални трудови од истакнати историски личности.
Сите изданија на Државниот архив, како што е вообичаено, за време на Саемот ќе се продаваат со цени намалени за 30 насто, и тоа на саемскиот штанд, во просториите на Државниот архив – централен дел, како и во подрачните одделенија во Скопје, Велес, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип и во Куманово. Во рамки на Промотивниот центар, планирано е да се промовираат три најнови изданија, чии автори се истакнати научници.
Билетите може да се набават електронски, преку веб- страницата www.karti.com.mk или за времe на Саемот на билетарницата на арената „Борис Трајковски“.
Работното време, пак, е секој ден од 10 часот до 20 часот. Цената на редовната влезница изнесува 50 денари, а за организираните групни посети на ученици – 40 денари. (Д.Т.)
Commentaires