top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

САД опен ќе добие сосема нови шампиони

ТЕНИС – ГРАНСЛЕМ-ТУРНИР ВО ЊУЈОРК

Шпанецот Рафаел Надал го претрпе првиот пораз на гранслем-турнирот САД опен во Њујорк во претходните шест години, во осминафиналето, од Американецот Френсис Тиафо (4-6, 6-4, 4-6 и 3-6). За Надал, четирикратниот шампион на САД опен, кој годинава победи на Австралија опен и на Ролан Гарос, а на Вимблдон се повлече пред полуфиналето поради повреда, тоа беше прв пораз на гранслем-турнир во 2022 година, по 22-те победи во низа. Надал (36), кој освои 22 гранслем-титули, две помалку од рекордните 24 на Австралијката Маргарет Корт, изјави дека не знае кога повторно ќе игра. – Ми треба малку време. Треба да поправам некои работи во животот, потоа ќе видиме, не знам кога ќе се вратам. Ќе се обидам психички да бидам подготвен. Кога ќе почувствувам дека сум подготвен да се натпреварувам, ќе бидам таму – изјави Надал, кој треба да игра на Лејвер-купот, заедно со Роже Федерер, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, во Лондон, од 23 до 25 септември. На Тиафо (24), кој претходно играл само во едно гранслем четврт-финале, на Австралија опен во 2019 година, победата над Надал му е најголемото достигнување во кариерата. Негов следен противник е Русинот Андреј Рублев. Поразот на Надал, како и на Хрватот Марин Чилиќ (шампионот на САД опен во 2014 година), од Шпанецот Карлос Алкараз, значи дека годинава ќе има нов победник во Њујорк. Од четвртфиналистите, тројца играле во финале на некој од четирите гранслем-турнири (Каспер Руд годинава на Ролан Гарос, а Матео Беретини лани и Ник Кирјос годинава на Вимблдон). И на турнирот за жени ќе има нова победничка, откако меѓу осумте најдобри нема тенисерка со триумф на САД опен (од четвртфиналистките само Ига Швјонтек има гранслем-титули, две на Ролан Гарос, а во финале претходно настапиле Каролина Плишкова, двапати, и Коко Гауф и Онс Жобер по еднаш). Алкараз (19) лани стана најмладиот играч што стигнал до четврт-финалето на САД опен. Сега тој е најмладиот што во минатите 70 години стигнал до оваа фаза на турнирот во две последователни години (претходно Австралијците Лу Ход и Кен Роузвол во 1952 и во 1953 година, пред да наполнат 19 години). Л.Д.


0 views

Yorumlar


bottom of page