Савевски: Женскиот ракомет во Македонија мора да претрпи радикални промени!
Македонската ракометна репрезентација претрпе два убедливи порази на стартот на Европското првенство, а пред клучниот меч со Романија кој решава за тоа која селекција ќе патува во наредната фаза, нашиот стручен штаб и девојките денеска имаа слободен ден.
Тоа беше добра шанса да се извлечат заклучочи и поуки од поразите од Франција и Холандија, но и да се направи најава за натпреварот во кој Романија исто така влегува како голем фаворит за победа.
Селекторот Љубомир Савевски потенцира дека Македонија мора да напрви коренети промени во женскиот ракомет и потребно е да се презема радикални мерки, бидејќи според него, македонската лига и тренинзите кои се применуваат во клубовите се далеку од оние реномираните во најсилните земји во Европа.
– Ова е една млада селекција, без искуство и досега сме немале натпревари од ваков карактер. Иако загубивме со десет гола од Франција, од тој меч сум далеку позадоволен. Таму бевме добри во некои сегменти, но тие играа феноменално во одбрана и не можевме да ги пробиеме. Севкупно гледано, бев задоволен со оглед на тоа со што располагаме во моментов.
– Со Холандија имавме 28 загубени топки, имавме грешки во додавањата, многу промашувања и не може да очекувате повеќе од таков тежок пораз. Се држевме до еден момент, но ние игравме подобро во одбрана отколку во напад. Во напад бевме прочитани, немаше течност и проток на топката. И со лоша игра дојдовме до минус седум, но наместо да одиме до негатива од пет, мечот отиде на плус десет. Во таква ситуација, им дадов шанса на сите ракометарки, сите се тука за да играат и да го искусат Европското првенство, – изјави Савевски и додаде.
– Ова е реалноста, тоа е тоа со што располагаме во овој момент. Македонскиот ракомет не е во добра позиција, треба да се преземат радикални промени, тренинзите не се на ниво во македонскиот ракомет, македонската лига е многу слаба. Од 19 ракометарки, 12 се од македонското првенство и треба многу работи да се сменат во иднина. Ова е искуство за нас, но не треба да имаме лажна надеж, многу сме далеку од европскиот и светскиот крем. Треба да се вложи многу труд, напор, а јас како селектор на младите категории можам да кажам дека нема премногу квалитетни ракометарки во пониските категории.
– Што се однесува до Романија, тоа е селекција која е спој на млади и искусни ракометарки. Не се на рангот на Холандија и Франција, но со големи фаворити против нас. Имавме состанок со девојките, разговаравме и единствена шанса ни е ако сме извлекле поуки од грешките со Франција и Холандија. Да ја промениме играта во напад, да не им дозволиме рано да се одлепат, бидејќи после е многу тешко да се брка, поготово кога имате толку млад тим, – нагласи македонскиот селектор.
Comments