top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Сè што дише“ го отвора 13. „МакеДокс“, Фестивалот на креативен документарен филм

– Годинава, фестивалот го носи мотото „Лупење идеи“ и фокусот е ставен на развојот на идеи. Планираме да имаме 70 странски гости, кои доаѓаат од цела Европа, а 30 од нив – автори на филмовите. Речиси сите филмови ќе бидат прикажани во живо, освен еден мал дел од копродукцискиот форум – рече Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот „МакеДокс“, на денешната прес-конференција на која беше претставена фестивалската програма

Индиско-британскиот документарец „Сè што дише“ во режија на Шаунак Сен ќе го отвори годинашното 13. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кое ќе се одржува од 18 до 25 август, на четири локации во Скопје. Фестивалот ќе се случува во Куршумли ан, пред платото на Музејот на Македонија, МКЦ и „Јуроп хаус“ (Европска куќа) – Скопје.

– Годинава, фестивалот го носи мотото „Лупење идеи“ и фокусот е ставен на развојот на идеи. По две бурни години за целиот свет, некако сфативме дека е време да земеме храброст и да почнеме да ги реализираме своите идеи – сите заедно, но преку нова перспектива, која ќе ни овозможи да ги излупиме нашите стари слоеви и да им дадеме простор на белите слоеви, да твориме во нови почетоци и со нови идеи. Планираме да имаме 70 странски гости на фестивалот, кои доаѓаат од цела Европа, а 30 од нив – автори на филмовите. Речиси сите филмови ќе бидат прикажани во живо, освен еден мал дел од копродукцискиот форум, кој ќе се случува хибридно, односно и онлајн и во живо во МКЦ – рече Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот „МакеДокс“, на денешната прес-конференција на која беше претставена фестивалската програма.

Фестивалот годинава ќе прикаже филмови во четири натпреварувачки програми, кои ќе се борат за пет награди.

– Оваа година, на адресата на „МакеДокс“ пристигнаа филмови од сите пет континенти. Ја „лупевме“ програмата со месеци за да дојдеме до најавтентичната форма што може да ја изрази креативната сила на „МакеДокс“, како фестивал на креативен документарен филм. Во главната програма ќе бидат прикажани девет филма, кои ќе се натпреваруваат за наградата „Кромид“ – посочи Петрула Вељановска од програмскиот тим на „МакеДокс“.

„Вознемирена земја“

Таа, во оваа програма, ја издвои премиерата на филмот „Вознемирена земја“ на македонската режисерка Кумјана Новакова и на шпанскиот режисер Гилиермо Карерас-Канди, потоа „Куќа на раски“, филм кој беше прикажан на фестивалот „Санденс“, израелскиот „Летни ноќи“ – прогласен за најдобар документарец во Израел во 2021 година, како и „Деца на маглата“, кој ја доби главната награда на фестивалот „Дока“.

Во програмата за млади автори, односно за наградата „Млад кромид“, како што истакна Вељановска, ќе се натпреваруваат 11 филма. Меѓу другите, публиката ќе може да ги гледа и „Тољати плутајќи“, „Братство“, „Поларис“ и „Невидливи демони“.


Во кратката програма, пак, ќе бидат прикажани 17 остварувања, меѓу кои „Истиот сон“, „Се обидувам да се сетам“, американскиот „Кога бевме силеџии“ – номиниран годинава за „Оскар“, како и „Јас сум Мишел“, додека во студентската – осум филма, кои ќе се борат за наградата „Кокарче“. Во рамки на оваа програма, публиката ќе може да ги гледа и „Со љубов, тато“, „Стадо“ и „Турска ревиера“.

На „МакеДокс“, годинава, „земја во фокус“ е Чешка, а програмата ќе се отвори на 19 август, со филмот „Рене – затвореник на слободата“ на чешката документаристка и почесна гостинка на фестивалот, режисерката Хелена Тшештикова. На 12 август, пред фестивалот, пак, ќе се прикаже првиот дел од овој филм, насловен „Рене“.

– Режисерката Тшештикова ја носи титулата „мајка на тајм лапс документарецот“ и таа понекогаш, за филмовите, ги следи своите протагонисти повеќе години. Ликот од овој филм го има следено 20 години, од 17-годишна возраст до неговата смрт, од што имаат произлезено и овие два филма – истакна Вељановска.

Во оваа програма ќе биде прикажан и „Пилињата, вирусот и ние“, „Кучешка љубов“ и првата документарна опера „Капр“, која го прикажува животот на авангардниот композитор и истакнат комунист Јан Капр (1914-1988).

Во програмата за деца и млади, пак, ќе се прикажат два долгометражни филма – „Шабу“ и „Диви“ и повеќе анимирани.

Сара Ферро, координаторката на форумот „МакеКоПроДокс“, пак, ја презентираше индустриската програма. На 20 август, во „Јуроп хаус“ – Скопје ќе се одржи мастер клас со режисерката Тшештикова на тема „Разговор за идеите во документарниот филм“, кој ќе го води данскиот филмски критичар Туе Стен Мулер. Тој ден ќе започне и неговата работилница за развој на идеи, која ќе трае до 22 август, по што ќе стартува четвртото издание на форумот „МакеКоПроДокс“, кое ќе се случува во киното „Фросина“ во МКЦ.

– По две онлајн изданија на форумот „МакеКоПроДокс“, годинава најголем дел од филмските професионалци и филмаџии со проекти ќе бидат присутни во Скопје. Во делот балканска филмска мрежа ќе има претставници од словенечкиот Филмски центар, од хрватскиот Аудиовизуелен центар, од косовскиот и од албанскиот Центар за кинематографија, како и од бугарскиот Национален филмски центар, додека од српскиот, црногорскиот и од грчкиот филмски центар ќе ни се приклучат онлајн. Тие ќе ги претстават своите шеми на финансирање и ќе има презентација и на Медиа ДескМК од Ивана Мирчевска – додаде Ферро.

Организаторите на фестивалот потсетија и на настаните „Разговорите под смоква“, кои ќе се одржуваат од 19 до 25 август, од 18 часот, во Куршумли ан, фотоизложбата на Доријан Миловановиќ, како и документарната школа на „МакеДокс“ – „Докуникулци“. (Н.И.Т.)





0 views

コメント


bottom of page