„Сè, насекаде, одеднаш“ триумфираше на 95. „Оскари“
Покрај за најдобар филм, остварувањето „Сè, насекаде, одеднаш“ доби награди и во категориите – најдобра режија (Ден Кван и Даниел Шајнет), најдобро оригинално сценарио, најдобра главна женска улога (Мишел Јео), најдобра споредна женска улога (Џејми Ли Кертис), најдобра споредна машка улога (Ки Ви Кван) и најдобра монтажа. Филмот прикажува средовечна кинеска имигрантка, која е зафатена во луда авантура од која може да се спаси преку поврзување со животите што можела да ги има во други универзуми
Научно-фантастичната авантура „Сè, насекаде, одеднаш“ (Everything Everywhere All at Once) е победник на 95. доделување на најпосакуваните филмски признанија на светот – „Оскарите“ со освоени седум златни статуетки од 11 номинации.
Покрај за најдобар филм, остварувањето доби награди и во категориите – најдобра режија и најдобро оригинално сценарио (Ден Кван и Даниел Шајнет), најдобра главна женска улога (Мишел Јео), најдобра споредна женска улога (Џејми Ли Кертис), најдобра споредна машка улога (Ки Ви Кван) и најдобра монтажа. Филмот прикажува средовечна кинеска имигрантка која е зафатена во луда авантура од која може да се спаси преку поврзување со животите што можела да ги има во други универзуми.
Сцена од „Сè, насекаде, одеднаш“
Мишел Јео, која во филмот ја толкува кинеско-американската сопственичка на перална, која се бори со плаќањето даноци, со освојувањето на Оскарот влезе во историјата и стана првата азиска актерка што победила во категоријата – најдобра женска улога. Шеесетгодишната малезиска актерка, која е позната филмска ѕвезда во Кина, сме ја гледале и во филмовите „Прикриен тигар, скриен змеј“ (Crouching Tiger, Hidden Dragon) и „Лудо богати Азијци“ (Crazy Rich Asians).
„За сите мали момчиња и девојчиња кои изгледаат како мене додека ме гледаат вечерва, ова е светлина на надеж и можности“, рече Јео во нејзиниот говор.
„Ова е доказ дека соништата се остваруваат. И дами… никогаш не дозволувајте некој да ви каже дека вашето најдобро време поминало“.
Нејзиниот колега, пак, Ки Ви Кван, држејќи ја златната статуетка, со солзи во очите, рече дека за него наградата претставува остварување на американскиот сон. „Добив Оскар! Некако успеав да стигнам до оваа сцена, а претходно имав поминато извесно време и во бегалски камп“, рече американскиот актер со виетнамско потекло Кван, кој на сите им порача да ги „одржуваат своите соништа живи“.
Германскиот филм „Сè е тивко на западниот фронт“ (All Quiet on the Western Front), кој на вечерта на доделувањето пристигна со 9 номинации, пак, освои четири Оскари. Историската драма по сценарио и во режија на Едвард Бергер што ги прикажува страшните искуства и неволји на еден млад германски војник на западниот фронт за време на Првата светска војна победи во категориите најдобар интернационален филм, оригинална филмска музика, за најдобра кинематографија и за продукциски дизајн.
Очекувано, пак, американско-канадскиот актер Брендон Фрејзер го доби Оскарот за најдобра главна машка улога за неговата ролја во филмот „Китот“ (The Whale) на Дарен Аронофски. Во „Китот“ Фрејзер глуми повлечен наставник по англиски јазик, човек кој тежи 270 килограми и се бори со дебелината, а се обидува повторно да се поврзе и со својата 17-годишна ќерка. На 54-годишниот Фрејзер, поранешна акциона ѕвезда и познат по филмовите „Мумијата“ и „Џорџ од џунглата“, не му пречи што луѓето ова го нарекуваат негов камбек, бидејќи тој отсуствуваше од големиот екран во поголемиот дел од последната декада.
Филмот насловен „Навални“, што зборува за настаните поврзани со труењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој се наоѓа во затвор, победи во категоријата за најдобар документарец. Режисерот Даниел Роер со Оскарот в рака ја посвети наградата на Навални и на „сите политички затвореници ширум светот“.
„Алексеј, светот не ја заборави твојата витална порака до сите нас“, рече тој. „Не можеме, не смееме да се плашиме да им се спротивставиме на диктаторите и авторитаризмот каде и да ја кренат главата“. На сцената беше присутна и сопругата на Навални, Јулија која рече дека „нејзиниот сопруг е в затвор поради бранење на демократијата“.
Наградата за најдобро адаптирано сценарио, пак, американската Академија за филмски уметности и науки, ѝ ја додели на Сара Поли за филмот „Жените зборуваат“ (Women Talking).
Оскарот за најдобар звук отиде кај доби филмот „Топ ган 2: Маверик“, а за најдобри визуелни ефекти кај „Аватар 2: Патот на водата“. „Пинокио“ на Бенисио Дел Торо, пак, беше прогласен за најдобар анимиран филм, а „Ирско збогување“ (An Irish Goodbye) – за најдобар краток филм.
Наградата за шминка и фризура ја доби филмот „Китот“, а признанието за костимографија – филмот „Црниот Пантер: Ваканда засекогаш“.
И покрај седумте номинации автобиографската драма „Фабелманови“ на Стивен Спилберг не успеа да победи во ниту една категорија. Без награди останаа и филмовите „Тар“ кој имаше шест номинации, „Елвис“ – осум и „The Banshees of Inisherin“ (Духовите на островот) – 9 номинации.
Свечената церемонија на доделувањето на 95. награди Оскар се одржа во неделата во Долби театарот во Холивуд, а водител беше комичарот Џими Кимел. Тој на сцената се спушти со падобран, на кратко имаше мечка како ководител, се пошегува со публиката прашувајќи дали им фали некоја шлаканица (алудирајќи на минатогодишниот скандал со Вил Смит и Крис Рок), а рече и дека Холивуд како да ја губи креативноста бидејќи поголем дел од номинираните филмови за Оскар се всушност продолженија, па дури и славниот режисер Спилберг снимил филм самиот за себе (Фабелманови).
На свеченоста, иако до последен момент беше неизвесно, настапи Лејди Гага која ја претстави својата песна „Hold My Hand“ номинирана за Оскар од филмот „Топ ган 2: Маверик“, како и музичката ѕвезда Ријана со песната „Lift Me Up“ номинирана за остварувањето „Црниот Пантер: Ваканда засекогаш“, но за најдобра оригинална песна беше прогласена „Naatu, Naatu“ од индиското остварување „Р.Р.Р.“
Comentários