„Русокоса“ доби неповолни критики, гледачите згрозени од некои сцени
Заснован на фиктивна биографија на Мерилин Монро од авторката Џојс Керол Оутс, контроверзниот Blonde („Русокоса“) пристигна на „Нетфликс“ по неговата премиера во Венеција, со предупредување дека не се препорачува за помлади од 17 години. Филмот се фокусира на филмската кариера на сензуалната актерка од Холивуд, управувана од опскурни момци, на кои често мора да им се наведне над креветот. Норма Џин Бејкер, најпознатата русокоса на сите времиња, убавица со сонлив поглед и уништена психа, беше најголемиот залак на Холивуд. Според критичарите, филмот е стереотипна приказна за глупава русокоса (која сепак го чита Достоевски). Тажна и морбидна приказна за девојка од сиропиталиште, на која недостигот на мајчина љубов и потребата за татко, кого никогаш не го запознала, ќе го забрза нејзиниот пат во похотливите раце на сексуални девијанти. Секс во тројка со синовите на Чарли Чаплин, потоа браковите со пензионираната бејзбол-ѕвезда Џо Димаџо и со драматургот Артур Милер, како и врската со Боби Кенеди, ќе ја доведат Мерилин до неколку неуспешни обиди да се реализира како мајка. Се случуваат низа индуцирани и спонтани абортуси. Филмските критичари, а особено публиката, смета дека сцените кога лекарот ѝ прави абортус се прилично морбидни. Експлицитната сцена во која Монро е брутално силувана од Џон Кенеди вознемири голем дел од гледачите, кои сметаат дека таа сцена е мачна и непотребна. Гледачите можеби ќе почувствуваат малку мачнина, но ќе ја научат лекцијата за тоа зошто сите во светот сакале да бидат Мерилин Монро. Освен Мерилин Монро. Филмот ги анализира и психолошките кризи што ги доживеала во текот на снимањето на своите најголеми хитови „Седум години верност“ и „Некои тоа го сакаат жешко“, чии неподносливи моменти ги кратела со опиоиди. Накратко, животот на холивудската дива бил неподнослив. Осаменоста меѓу толпа луѓе, блицовите на фотоапаратите, лигавењето на милиони луѓе и лесните комедии беа нејзиниот пат до лудило. Ана де Армас, Бонд-девојката и една од водечките секс-симболи на денешницата, ја прикажува сложената личност на Мерилин Монро со неверојатна актерска трансформација. Во филмот што трае речиси три часа, покрај одличната Де Армас, и Адријан Броди одлично се снаоѓа во улогата на Артур Милер, драматург, кој за својата сопруга напиша: „Мислев дека се оженив за ангел, но всушност сум се оженил со курва“. Според некои критичари, црно-белите кадри се исклучително привлечни и имаат естетика, која ќе ве вовлече во блуткава фабрика на соништата и ќе ви покаже дека таму се сонуваат само кошмари. Што се однесува до сценографскиот и костимографскиот дизајн, „Русокоса“ е вистинско ремек-дело. Ќе ја видите истата куќа во која актерката се предозирала, со раката залепена за телефонот… гола русокоса која лежи меѓу бели чаршафи натопена во „шанел 5“. Сите нејзини фустани, џемпери и панталони од познатите фотографии повторно оживеани на Ана де Армас. Иако во Холивуд владеат теророт на вечната младост и принципот „живеј брзо, умри млад“, никој не е имун на него, а овој филм ќе ве одведе токму таму, во златното доба на Холивуд, во обид да ја прикаже несериозната потреба за гламур. Не секој може да ја поднесе оваа хипнотизирачка и разорна драма на Ендрју Доминик, која говори за сексуалната експлоатација на една жена.
Comments