Руседски: Наскоро ќе го видиме вистинското лице на Ѓоковиќ
Новак Ѓоковиќ не е во посакуваниот ритам во оваа календарска година, многу работи се случија, па почнувајќи од Мелбурн светскиот рекет број еден ја нема таа магија, посакувани резултати и успеси. Откако не доби зелено светло за настап во Австралија, Новак учествуваше на неколку турнири, ама на ниту еден од нив не дојде до титула. Во Дубаи беше елиминиран во четвртфиналето, во Монте Карло падна во 1/16 финалето, додека најдалеку стигна на домашно тло каде во неделата беше поразен во финалето на АТП турнирот во Белград. Сите овие резултат се под нивото, но некогашниот четврти светски рекет, Грег Руседски верува дека ситуацијата набрзо ќе се промени и ќе го видиме стариот Ѓоковиќ. -Во моментов не е важно како победува Новак Ѓоковиќ. Треба само да акумулира натпревари и да оди понатаму низ турнирите, дури и без да покаже одличен тенис. Новак не заборави да игра тенис. Му недостига ритамот на натпревари, навиката да победува некако ослабе. Мора да се врати на вистинскиот пат и да размислува за играта. Како што одминуваат неделите, нивото на неговата игра ќе расте и наскоро повторно ќе го видиме вистинскиот Новак. Ќе направи се за да дојде на Ролан Гарос во врвна форма, -изјави Руседски.
Comments