top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Росети: ВАР не може да ги прекине сите дискусии во фудбалот

Updated: Jul 19, 2021

16.07.2021 Juli Petok

Шефот на судиите при Европската фудбалска унија (УЕФА), Италијанецот Роберто Росети, се надева дека порелаксираниот пристап, односно ненавлегување премногу во детали при употребата на системот видеопомошник-судија (ВАР) на Европското првенство (ЕП) 2020 ќе продолжи и во европските домашни лиги следната сезона, предупредувајќи дека е „опасно“ до детали да се анализираат сите одлуки. Употребата на технологијата и стандардот на судење на турнирот генерално беа пофалени од многу набљудувачи, а Росети смета дека е поставен репер за другите натпреварувања.

– Не сакаме да ги истражуваме сите мали детали. Ако го сториме тоа, ВАР може да биде опасен ако не се користи соодветно – изјави тој.

Пред неколку дена беше објавено дека клубовите од англиската Премиер-лига сакаат да го копираат пристапот на судиите на ЕП во следната сезона.

– Се надевам дека ваквата употреба на оваа алатка ќе продолжи низ цела Европа. Веруваме дека судиите секогаш мора да бидат главни при донесувањето на одлуките и да ги донесуваат на теренот – вели Росети.

Тој рече дека ВАР проверил 276 случки и оти имало 18 корекции, од кои 10 биле директни и осум при проверката на теренот. Тој рече дека сите 18 корекции биле „100 проценти точни“, но прифаќа дека има внатрешни дискусии за „неколку“ ситуации каде што ВАР не интервенирал, а се тврди дека можел и требало да го стори тоа.

Росети верува дека концептот на употреба на ВАР за корекција на „јасните и очигледни грешки“ и следење на пристапот „минимално мешање, максимална корист“ се покажал како добар на турнирот и дека повторената, забавена снимка често не може да помогне.

– Има многу „сиви“ ситуации, има многу гранични ситуации во фудбалот. ВАР не е совршен, заборавете го тоа. ВАР не може да ги прекине сите дискусии во фудбалот, ќе има многу ситуации 50-50. Ако ги разгледуваме сите одлуки, можеме да создадеме неред. Треба да бидеме внимателни. Давањето втора шанса на судиите повторно да погледнат нешто може да биде многу опасно, верувајте ми, бидејќи имаме многу постигнати голови со мали турканици, со мало држење, но тоа е фудбалот. Ако почнеме да разгледуваме, да проверуваме и да истражуваме, не сум сигурен дека ќе ви се допадне таков фудбал. Треба да бидеме претпазливи со снимките, на пример, со суперзабавените. Ако гледате во суперзабавено движење, сите играња со рака стануваат казниви, сите жолти стануваат црвени картони, сите голови постигнати со физички контакти стануваат нешто што може да се поништи – вели Росети.

„Многу, многу ограничен простор за критичарите“

Роберто Росети беше полн со пофалби за сите судии, но и за тоа како играчите и тренерите ги почитувале нивните одлуки на ЕП 2020.

– Верувам дека судењето беше навистина успешно на ЕП. Видовме одлично судење на главните судии и на нивните помошници. Видовме и добра поддршка од ВАР со седиште во Нион. Конечниот резултат беше 51 беспрекорен натпревар што остави многу, многу ограничен простор за критичарите – вели Росети.

Помалку прекршоци, повеќе минути игра…

Вкупниот број прекршоци бил намален во споредба со фудбалското ЕП 2016, 1.111 наспроти 1.290 од пред четири години. Тоа значеше и дека просечното ефективно време на игра се зголеми од 65,30 на 70,36 минути. На ова ЕП имаше 98 жолти картони, а на ЕП 2016-та, 129. Но беа покажани двојно повеќе црвени картони, шест во споредба со три. Три од тие шест картони се случија по интервенција на ВАР, за што Росети вели дека било „100 проценти точно“. На ЕП 2020 беа досудени 17 пенали (шест со помош на ВАР), наспроти 12-те на ЕП 2016.


2 views

Comments


bottom of page