Роналдо: Секогаш е привилегија кога играм против Меси
10.12.2020 Декември Четврток
ФУДБАЛ
Првпат по 2018 година повторно заиграа еден против друг најдобрите фудбалери на денешницата, Лионел Меси (33) и Кристиjано Роналдо (36), на мечот Барселона – Јувентус (0-3) во 6-то коло на Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава. Ова беше 36-ти натпревар (првиот беше пред 12 години) помеѓу големите ривали на меѓународната и на домашната сцена. Поуспешен е Меси со 16 победи, 11 порази и девет ремија. Тие заедно досега освоија девет титули во ЛШ, постигнувајќи 252 гола во ова натпреварување. Но ова беше ноќта на Роналдо, кој постигна два гола, двата од пенал, вкупно 134 за него во Лигата на шампионите, а првпат во ЛШ против Барселона со Меси на теренот. Овој меч немаше никакво резултатско значење бидејќи двата тима веќе имаа обезбедено пласман во осминафиналето, но со победата Јувентус го освои првото место во групата.
– Да се постигне гол тука секогаш е нешто посебно за мене. Со Меси ги споделивме претходните 12-13 години од нашите животи и секогаш е добро кога ќе се сретнеме. Луѓето зборуваат за нашето ривалство, но за мене секогаш е привилегија кога играм против него и среќен сум кога ќе постигнам погодок. Се чувствувам многу добро, головите се важни, но морам да продолжам да тренирам напорно затоа што не е лесно да се одржуваат стандардите постојано – изјави Роналдо за интернет-страницата на Европската фудбалска унија.
Comments