Роналдо на еден меч постави три рекорда
ФУДБАЛ – ЕП 2020
Роналдо со настапот на дуелот со Унгарија стана единствениот што играл и постигнувал голови на пет ЕП, а со двата гола сега е рекордер на европските првенства со вкупно 11, два повеќе од Платини, кој, пак, сите голови ги постигна на ЕП 1984
Бранителот на титулата, Португалија, забележа убедлива победа над Унгарија (3-0) пред повеќе од 60.000 гледачи на арената „Ференц Пушкаш“ во првиот натпревар од групата Ф, на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020, а Португалецот Кристијано Роналдо, за кого ова е рекорден петти настап на ЕП, постигна два гола. Тој вкупно сега има 11 (42, вклучувајќи ги и тие во квалификациите) и стана најефикасниот играч на финалните турнири. Роналдо постигна голови на сите пет ЕП и сега го надмина Французинот Мишел Платини, кој има девет гола, сите на ЕП 1984.
– Најважно беше да се победи. Беше тежок натпревар, против противник што се бранеше многу добро. Но постигнавме три гола, а јас сум му многу благодарен на тимот што ми помогна да постигнам два погодока и да бидам играч на мечот – изјави Роналдо.
Унгарците и натаму се без победа во дуелите со Португалија (10 порази и четири ремија). Во вториот натпревар од групата Ф, светскиот првак Франција ја совлада Германија на арената „Алијанц“ со 1-0, со автоголот на Матс Хумелс. Германците станаа првата репрезентација што одиграла 50 натпревари на ЕП. Французите никогаш немаат загубено воведен натпревар на ЕП (шест победи и три ремија) и ги добија претходните пет меча, постигнаа 10, а не примија ниту еден гол.
Comments