Роналдо и Меси годинава ќе заработат 235 милиони долари
23.09.2021 Septemvri Cetvrtok
СПОРЕД МАГАЗИНОТ „ФОРБС“
Кристијано Роналдо од Манчестер јунајтед и Лионел Меси, играчот на Пари сен Жермен (ПСЖ), двајцата најдобри фудбалери во светот, се на првата и на втората позиција според заработката годинава, од 235 милиони долари, објави магазинот „Форбс“, кој потенцира дека при составување на листата, се разговарало со клубови, агенти на играчи, комерцијални спонзори и светски фудбалски експерти. Пред да поминат 24 часа од веста дека Роналдо го напушта Јувентус и ќе му се приклучи на Манчестер јунајтед, тој стана најпродаваниот играч на спортската страница „Фанатикс“. Со тоа тој се израмни со други врвни играчи што направија трансфери последниве години, вклучувајќи ги Том Брејди од НФЛ во 2020 година, Леброн Џејмс од НБА-лигата во 2018 и Брајс Харпер од МЛБ во 2019 година. Но најслатката победа на Роналдо можеби е онаа над фудбалскиот ривал Меси, кој неколку недели претходно објави дека ја напушта Барселона за да му се приклучи на ПСЖ. Тоа е еден вид продажна моќ што произлегува од тоа да се биде најпопуларен спортист на светот, со половина милијарда следбеници на социјалните мрежи, од кои на Фејсбук (149 милиони), на Инстаграм (344 милиони) и на Твитер (94,3 милиони), кои му помогнаа да се врати на првото место на годинашното рангирање на „Форбс“ за најплатените фудбалери во светот. Роналдо ќе заработи 125 милиони долари во сезоната 2021/2022, од кои 70 милиони се од плата и бонус за враќањето во Манчестер јунајтед, каде што во периодот помеѓу 2003 и 2009 година освои три последователни титули во Премиер-лигата и една титула во Лигата на шампионите (ЛШ). Остатокот доаѓа од личните комерцијални и спонзорски зделки, вклучувајќи ги оние со „Најки“, „Хербалајф“, „Клир“ и од неговиот бренд КР7, што вклучува парфеми, долна облека, очила, хотели, спортски сали итн.
Само тројца активни спортисти заработуваат повеќе пари од Роналдо од комерцијалните договори. Тоа се Роџер Федерер (90 милиони долари), Леброн Џејмс (65 милиони) и Тајгер Вудс (60 милиони). Роналдо го мина долгогодишниот ривал, Меси (24), кој е на второто место на листата со заработка од 110 милиони долари. Меси по 21 година во Барселона се пресели во ПСЖ каде што ќе биде платен 75 милиони. Плус парите од ПСЖ, дополните 35 милиони се од зделките со „Адидас“, „Пепси“, производителот на часовници „Џејкобс“ и компанијата „Бадвајзер“. Севкупно, десетте најплатени фудбалери сезонава се очекува да заработат околу 585 милиони долари, што е малку над ланските 570 милиони. Платите и бонусите го сочинуваат најголемиот дел од вкупниот износ, 415 милиони. ПСЖ има тројца од петтемина најплатени играчи во светот, вклучувајќи ги Нејмар (29), кој повторно е на третото место со 95 милиони, и Килијан Мбапе (22), кој е на четвртата позиција со 43 милиони. Мохамед Салах (29) од Ливерпул ја заокружува првата петорка со 41 милион. Натаму следуваат Роберт Левандовски од Баерн со заработка од 35 милиони, потоа Андрес Иниеста (37), кој се враќа на листата како единствен играч од неевропска екипа, на седмото место со 35 милиони, откако потпиша нов двегодишен договор со Висел Кобе во Јапонија. Осми е Пол Погба од Манчестер јунајтед со 34 милиони, а на деветтата и на 10-та позиција се двајца играчи на Реал Мадрид, Герет Бејл и Еден Азар со 32, односно 29 милиони долари.
Comments