Роман со длабока хуманистичка порака
17.02,2025 Februari Ponedelnik
Промовиран „Неочекувано“ од Ана Мовска
„Неочекувано“ е насловот на дебитантскиот роман на авторката Ана Мовска, кој беше промовиран во „Литература.мк“ во „Сити мол“, во рамките на „Денови на литературата“. Книгата, која е во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“, ја претставија универзитетската професорка, книжевна истражувачка и критичарка Ивана Трајаноска, уредничката Бисера Бендевска и авторката Билјана Герасимовска.– „Неочекувано“ е роман без главни ликови, освен сино-зелените алги што се прапочеток и длабока иднина на овој свет и на другите светови. Најважниот спореден лик е неочекуваноста. А, од зад кулисите се открива надежта, хероината без која не ќе беше можна оваа книга. Во романот е непретенциозно вплетен научен дискурс за двојната природа на сино-зелените алги, кои ги има и на Марс, но и во Дојранско Езеро. Во различни хемиски процеси тие имаат различно дејство. Можат да бидат лековити, но и смртоносни. А, пак, таму каде што ги има, има основа да се развие живот… Оваа кратка проза зборува и за заедништвото и за здружувањето заради постигнување повисока цел, а срамежливо ја споменува и возбудата од првиот писателски обид – истакна Бендевска.„Неочекувано“ влезе во најтесниот избор за наградата за најдобар необјавен роман на годината „Пегаз“ во 2023 година (во организација на издавачката куќа „Арс ламина“, во соработка со фондацијата „Славко Јаневски“). Романот е објавен во рамките на едицијата „Пегаз“.Трајаноска, која беше дел од жирито на конкурсот за наградата „Пегаз“ во 2023 година, нагласи дека „Неочекувано“ се издвојувал од пристигнатите ракописи за наградата, но и воопшто се издвојува со современоста – како во пристапот кон темите што ги опфаќа така и во стилот.– „Неочекувано“ е истовремено едноставен, но многу богат роман. Леснотијата и едноставноста со кои се опфатени множеството теми се многу умешно изведени. Најпрво, би рекла дека ова е еден минималистички уметнички роман (Künstlerroman) или роман за станувањето писател. Напишан е во прво лице еднина, преку гласот на раскажувачката – геолог што копнеела да стане писателка, и всушност сплет на околности, или не, неочекувано или не, ја поттикнуваат да го напише својот прв роман – оној што го читаме. Во оваа рамка е сместен цел еден мозаик, едно мноштво аспекти и теми, кои вешто се испреплетуваат. Едноставноста е во стилот и начинот на раскажување, но овој роман е цел еден килим исткаен од теми и поттеми, како: поривот да се пишува; соништата од детството наспроти средовечноста и одбраната професија; науката наспроти уметноста; фактите наспроти фикцијата; носталгијата; важноста и неизбежноста на промените наспроти статичноста; важноста на знаењето, на историското; неминовноста и прифаќањето на неочекуваното; поврзаноста на нештата меѓу себе, поврзаноста на минатото, сегашноста и иднината; жените во уметноста и многу други теми, на природен и лесен начин. Она што мене особено ми се допаѓа се испреплетеноста и поврзувањето: Дојран низ времето, Дојран и неговите сино-зелени алги, како и испреплетеноста на темите, но и на ликовите – рече промоторката Трајаноска.Ана Мовска е псевдоним на Билјана Герасимовска (Скопје, 1969). По професија е лекарка, нефролог, редовна професорка на Медицинскиот факултет. Поезија пишува од рана возраст, а романот „Неочекувано“ е нејзин прв роман. Има преведено повеќе од десет книги од англиски на македонски јазик, од стручни и други области.Во рамките на петтото издание на „Денови на литературата“, кое се одржува од 7 до 23 февруари во сите книжарници на „Литература.мк“, се понудени попусти на книги до 70 отсто, грепки со подароци, книжевни промоции, интерактивна програма за деца и за обожаватели.

Comments