top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Ролинг Стоунс“ овековечени на поштенски марки на британската кралска пошта

Британската кралска пошта издава специјален сет од 12 поштенски марки во чест на еден од најдолговечните рок бендови на сите времиња „Ролинг Стоунс“, во годината во која легендарните рокери ја одбележуваат шеесетгодишнината од нивното заедничко функционирање.

На осум поштенски марки ќе бидат прикажани Мик Џегер, гитаристите Кит Ричардс и Рони Вуд и починатиот тапанар Чарли Вотс, на концерти во различни делови на светот, од настапите во јули 1969 година во лондонскиот Хајд Парк до концерт во Њу Џерси во август 2019 година.

На преостанатите четири марки ќе има фотографии од двајца членови на бендот заедно и два постера од нивните светски турнеи.

– Има малку бендови во историјата на рокот кои успеале да создадат толку богата и долга кариера како „Ролинг Стоунс“. Тие создадоа некои од највпечатливите и најимпресивните албуми во модерната музика, а нивните настапи во живо може слободно да се опишат како револуционерни – вели Дејвид Голд, директор за односи со јавноста во британската кралска пошта.

„Ролинг Стоунс“ се основани во 1962 година и се еден од најуспешните и најдолговечните рок бендови на сите времиња, продавајќи околу 240 милиони плочи ширум светот и освојувајќи бројни награди, вклучително и три „греми“. Тие се четвртиот британски рок бенд, по „Битлси“, „Пинк Флојд“ и „Квин“, за кои кралската пошта издава специјални поштенски марки.

Марките ќе бидат пуштени во продажба на 20 јануари.


1 view

Kommentit


bottom of page