„Ролан Гарос“: Ѓоковиќ и Алкарас може да се сретнат пред финалето
Ждребот за тенискиот грен-слем Ролан Гарос најави интересни дуели на новото издание на турнирот во Париз, а најголемите фаворити во машка конкуренција може да се сретнат уште пред финалето.
Ждрепката одлучи Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкарас да бидат потенцијални ривали во полуфиналната рунда, што значи дека само еден од нив може да игра во големото финале.
Шпанецот во првата рунда ќе се сретне со квалификант, додека Ѓоковиќ кој ќе биде трет носител, ќе ја започне потерата по рекордна 23. грен-слем титула со дуел со американскиот тенисер Александар Ковачевиќ.
Во истата четвртина со Алкарас е Стефанос Циципас, додека кај Ѓоковиќ е Андреј Рубљов, а најдобриот вo ова друштво ќе обезбеди место во финалето.
Во другиот дел, Медведев како втор носител е во четвртина со Синер, Зверев и Димитров, а во последната четвртина од ждребот се Руне, Фриц и Руд како највисоко поставени носители. Од овие две четвртини ќе го дознаеме и вториот финалист.
Турнирот почнува во недела, а однапред беше познато дека на него нема да учествува Рафаел Надал.
Comments