Род Стјуарт одбил 1 милион долари за настап во Катар
- Aleksandar Santovski
- Nov 18, 2022
- 1 min read
Род Стјуарт откри дека одбил над еден милион долари за да настапи на отворањето на светското првенство во Катар бидејќи смета дека не би било во ред имајќи ги предвид критиките и контроверзиите што го опкружија претстојниот спортски настан поради кршење на човековите права. Катар во последно време се соочува со контроверзии за системска дискриминација на жените и ЛГБТК+ заедницата, како и за пријавените смртни случаи на 37 работници мигранти, кои помагале во изградбата на стадионите на кои ќе се одржи Светското првенство, пишува „Гардијан“. Првенството треба да почне на 20 ноември во главниот град Доха, а Катар и организаторите на Светското првенство, ФИФА, се соочуваат со постојани критики поради смртта на работниците мигранти и ставот на земјата кон хомосексуалноста, која е нелегална во оваа држава. Стјуарт откри дека и тој ја одбил шансата да биде дел од прославата од морални причини. „Уште пред 15 месеци ми понудија многу пари, над милион долари. Ги одбив бидејќи сметам дека не е во ред да одам таму“, изјави Стјуарт за „Сандеј тајмс“. Дуа Липа ги демантира шпекулациите дека ќе настапи на церемонијата на отворањето и ја повика владата на Катар да ги исполни своите ветувања за човекови права што ги даде кога го доби правото да биде домаќин на Светското првенство.


Comments