Роверот „Персеверенсе“ го депонира првиот примерок од карпа на Марс
Роверот „Персеверенсе“ на НАСА ги депонира првите примероци од марсовските карпи собрани на површината на Црвената Планета. Титаниумската цевка што содржи примерок од карпа беше поставена на земја, што би можело да биде првиот примерок на патот кон Земјата. Овој настан претставува историски чекор во кампањата за враќање на примерокот. Првиот примерок се состои од јадро на магматска карпа со големина на креда, која е наречена мелеј. Овој примерок беше собран на 31 јануари 2022 година, во регионот на кратерот Језеро, наречен Јужна Сеита. Моментно „Персеверенсе“ има уште 17 примероци. На неговиот систем за земање и складирање примероци му требаше речиси еден час за да ја извади цевката од утробата, да ја прегледа за последен пат со внатрешната камера „кашкам“ и конечно да го испушти примерокот на површината на Марс. Откако цевката беше поставена, контролата на мисијата позиционира камера „ватсон“ поставена на крајот од роботската рака на роверот „Персеверенсе“ за да потврди дека цевката не случајно се истркалала на патеката пред тркалата на роверот. Научниците исто така сакале да се уверат дека цевката не паднала исправено, а доколку се случело тоа, на роверот ќе му било наредено да ја собори.
Откако роверот слета во февруари минатата година, собира примероци од прашина и карпи. Неговата задача е да ги достави примероците до идниот роботски лендер, а потоа лендерот ќе користи роботска рака за да ги смести во ракетна капсула што на крајот ќе лета во орбитата на Марс. Таму ќе чека уште едно вселенско летало, кое ќе ги „фати“ примероците и безбедно ќе ги врати на Земјата. Доколку „Персеверенсе“ не може да испорача примероци, поставените цевки ќе служат како резерва, а мисијата ќе ја преземат два хеликоптера. Во наредните недели научниците ќе тестираат дали роверот треба да ја користи истата техника како што депонира други примероци на локацијата Три Форкс. – Гледањето на нашиот прв примерок на теренот е големо достигнување за нашата првична мисија, која ќе биде завршена на 6 јануари – соопштија од НАСА.
Comments