Роберто Бенињи ја освои Венеција со романтичен говор посветен на љубовта на неговиот живот
Актерот и режисер Роберто Бенињи е добитник на наградата за животно дело Златен лав на Венецискиот филмски фестивал 2021, за неговиот исклучителен придонес и неповторлива филмска кариера.
Италијанскиот виртуоз лично ја прими наградата во Венеција, а во говорот на емотивен и романтичен начин ѝ се заблагодари на сопругата Николета Браски, освојувајќи ја одново не само Венеција, туку и целиот свет со неговата непосредност и искреност.
Тој ѝ се заблагодари и ѝ ги упати следните зборови од подиумот:
„Во овој момент, сакам да ги посветам моите мисли на Николета Браски, која е тука во салата. Правиме сѐ заедно 40 години. Знам само еден начин за мерење на времето: со или без тебе. Ќе го споделиме овој крилест лав, јас ја земам опашката, за да ти ја покажам мојата радост мавтајќи со опашката, а ти земи го остатокот. Првенствено крилјата, крилјата се твои, бидејќи ако некогаш летав во мојата работа, тоа е благодарение на тебе, твојот талент, твојата мистерија, твојот шарм, твојата убавина, твојата женственост, фактот дека си жена.
Да се биде жена е мистерија што ние мажите не ја разбираме. Гручо Маркс беше во право кога рече „мажите се жени кои не успеале да бидат тоа“. И тоа е вистина.
Не можев да бидам како тебе, Николета.
Ако сум направил нешто убаво или добро во мојот живот, тоа секогаш било преку твојата светлина. Нашата љубов беше на прв поглед, всушност на вечен поглед“.
Во филмот од 1983 година „Tu Mi Turbi“ (You Upset Me), кој самиот го режираше и во кој ја игра главната улога, Бенињи првпат игра со Браски, на која тоа ѝ е прв филм. За време на снимањето на првиот филм, тие си размениле книги. Потоа станале неразделни, оделе во кино и театар скоро секој ден заедно. Двојката наскоро се венча, а потоа Браски глумеше во речиси сите негови филмови. Оваа заедничка љубов кон филмот и еден кон друг донесе многу незаборавни филмови, меѓу кои и класикот „La Vita è Bella“ (Life is Beautiful) од 1998 година.
Може да се каже дека нивниот живот е навистина прекрасен живот на двајца уметници.
Comments